Музиката е јазикот на Универзумот. Од најситната честичка, вибрација, или бран, па се до најкомплексната симфонија, или бескрајниот бит. Несомнено е така. Затоа и толку возбуда околу неа. Барем во изминативе педесетина години колку што сум присутен на светов, музиката демонстрираше неверојатни супер моќи во сферата на љубовта, пропагандата, бизнисот, општествените промени… А медиумот кој ја пренесуваше музиката, нејзината универзална порака, (о)стана предмет на обожување: нејзиното височество, грамофонската плоча. Плочи, винили… доаѓаат во разноразни форми, големини и бои, но стандардната 12 инчна црна плоча и ден денес е симбол за препознавање на своевидна духовна елевираност. Барем помеѓу оние кои слушаат добра музика.
Грамофоните и плочите го култивираат просторот за живеење на луѓето уште од крајот на 19 (деветнаесеттиот) век, а своевидна експанзија доживуваат по Втората светска војна. Комерцијалниот бум коинцидира со врвот на популарната култура и се случува во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, кога стотици милиони, можеби милијарди парчиња винил од секаков вид се продадени. Појавата на Компакт Дискот, а потоа и интернетот и дигиталните трансфери (даунлоуд, стрим) се покажаа како сериозна закана за опстанокот на винилот, па многумина и тоа на неколку пати избрзаа да го погребат. За среќа неуспешно.
Кои се причините поради кои винилот е толку отпорен на исчезнување? Кога купувате плоча, остварувате пред се визуелна комуникација и добивате уметничко дело кое може буквално да го држите со двете раце. Можете да го ставите на ѕид во дневна, небаре сте “здиплиле“ Пикасо од музеј. Потоа доаѓа музиката, на волшебните крила на аналогниот звук, кој сам по себе е уникатно сонично доживување. Не ме сфаќајте погрешно, не сум од оние кои “преферираат аналогно“, но луѓето кои слушнале звук на плоча знаат прецизно за што зборувам. Оние кои не слушнале, време е да слушнат. Физичкото присуство и долготрајноста (читај: за секогаш) на овој носач на звук се ножот во срце при вљубувањето во овој трансцедентен медиум од пластика. А ножот во срце…и тој останува засекогаш.
Фасцинантен е податокот дека во изминативе неколку години, по неколку децениска дефанзива, продажбата на винил ја надмина вкупната продажба на ЦДа и даунлоуди. Вистински “кам бек“ како од филмовите драги мои. И покрај тоа што најголемиот број луѓе на планетава сепак слушаат музика на некој стрим, Јутјуб или не знам каде, охрабрувачка е оваа повторна експанзија. Плочите се показател дека сеуште постојат релевантен број на слушатели кои сериозно ја третираат својата музика, а оттаму и себе. Плочите се врвен доказ за љубов кон себе, почит кон луѓето кои создаваат квалитетна музика, но и кон дискографските куќи кои деновиве мораат да минат сизифовски патеки за да реализираат винилно издание. Активност која се граничи со чиста лудост и се разбира е прескапа. Но кажете ми ве молам, колку чини љубовта? Колку чини културата?
Да не биде попусто и осамено во етерот ова мое љубовно писмо кон винилните плочи и музиката која ја носат со себе, ќе Ви препорачам еден интересен настан. Молам за вашето култивирано внимание и секако присуство на годинешната прослава на винилот, светскиот Record Store Day. Овој интернационален “Ден на независните музички продавници“ во светски рамки се одржува од 2007, а овде во Македонија, таа убава традиција годинава ќе се организира по шести пат. Денот е Сабота на 22 април, од 12 до 17 часот, на платото пред Младинскиот културен центар Скопје, во коорганизација на АП(о)ТЕКА – МКЦ, ќе имаме можност да проследиме се што е најново од македонската музичка винил продукција. Посетителите ќе можат да набават плочи по промотивни цени од домашна продукција и секако голем број атрактивни странски изданија. Дружење, продажба, размена и понекој план за соработка се главните обележја на овој настан, кој за вистинските љубители на музиката, полека прераснува во еден од најомилените во годишниот календар на музички настани.
Живееме во време кога не популарно да си културен. Време кога и самите културни работници се повеќе зафатени со бесмислени меѓусебни препукувања и навреди, отколку со квалитетот на својата уметничка понуда. Сепак, творештвото, креативноста, културата, се единствен начин за конструктивна комуникација, а музиката, како што споменав на почетокот: универзален јазик. Ајде тогаш да се разбереме. Ете сабота ќе биде убав сончев ден. Предлагам да се видиме пред МКЦ.
(авторот е винил фрик)