Една од нив е Венди Чен, која одлучила да се искачи на планината Тај, една од најпознатите во источна Кина. Без пријатели што би ѝ се придружиле на петчасовната авантура, таа изнајмила „планински придружник“ за да го оствари својот план.
Кои се планинските придружници?
Во Кина познати како пеј па (што значи „придружување на планинарење“), овие млади луѓе често се студенти или поранешни војници со богато искуство во природа. Тие ги нудат своите услуги преку социјалните мрежи како Xiaohongshu и Douyin, каде што ги истакнуваат својата висина, физичката подготвеност и планинарското искуство. Цената за нивна придружба се движи од 200 до 600 јуани (30 до 85 долари) по искачување.
Нивната задача не е само да ги придружуваат клиентите, туку и да ги мотивираат – со шеги, музика, вербална поддршка, а често и со носење ранци или помагање при искачување.
Работа што ги менува традиционалните кариери
Овој тренд посебно ја привлекува вниманието на младите невработени во Кина, каде што стапката на невработеност меѓу младите останува висока. Многумина ја гледаат улогата на планински придружник како можност за брза заработка додека размислуваат за долгорочни планови.
На пример, дваесетгодишниот студент Крис Жанг летово заработил над 20.000 јуани (2.800 долари) за само три месеци, додека неговите врсници на практикантски позиции заработувале значително помалку.
За некои, како Чен Вуди, оваа работа станала целосна кариера. Напуштајќи ја стресната работа во продажба, Чен сега заработува околу 20.000 јуани месечно, што е повеќе од двојно над просечната месечна плата во Кина. Неговиот ден често вклучува и до три искачувања дневно.
Ризици и предизвици во нерегулирана индустрија
Иако е профитабилна, работата на планински придружник носи ризици, како за нив, така и за клиентите. Моментално не постои регулатива за оваа индустрија, што може да доведе до потенцијално опасни ситуации за аматери или дури и измами.
Сепак, во земја каде младите се соочуваат со предизвици на пазарот на трудот, улогата на планински придружник обезбедува привремено решение за заработка и истражување нови можности.
„Иако оваа работа не е одржлива на долг рок поради физичките напори, во моментов ми овозможува да го правам она што го сакам и да заработувам доволно за живот“, заклучил Чен.