За многумина од генерацијата Z, пишувањето со мали почетни букви не е само стил, туку и културен знак кој ги одразува нивните вредности и ставови кон традицијата. Маел Куман (24) ја исклучила автоматската функција за големи букви на нејзиниот телефон уште како тинејџерка, не знаејќи дека тоа ќе ѝ стане трајна навика.
„Малите букви создаваат чувство на континуиран разговор“, вели таа за The Guardian и додава: „Тие ја тргаат сериозноста што текстот може да ја има, дури и кога тоа не го сакаме.“
Слично размислува и Рувејда Хиловле (24), која исто така преферира мали букви.
„Кога пишувам со големи почетни букви, чувствувам како да се обидувам нешто да направам поважно отколку што е,“ објаснува таа.Оваа навика не е само лична преференција, туку и културен тренд меѓу младите, кој често се поврзува со одбивност кон формалноста. Познатата музичарка Били Ајлиш (23) користи мали букви во насловите на своите албуми и песни, како don’t smile at me или my future, зацврстувајќи го овој естетски правец.
Брендовите исто така го препознале овој тренд. Spotify користи мали букви во насловите на своите плејлисти, како chill vibes и teen beats, за да сигнализираат неформалност. Исто така, брендот за нега на коса amika, популарен кај миленијалците и генерацијата Z, користи мали букви на пакувањата, за да создаде помек и попријателски имиџ.
Кејтлин Џардин, менаџерка за социјални медиуми во маркетинг-агенцијата Ellis Digital, објаснува:
„Големите букви можат да изгледаат строго и остро. Малите букви повеќе резонираат со вредностите на генерацијата Z, која цени пријателски и смирен тон.“
Оваа генерација порасна онлајн, каде границите меѓу формално и неформално често се избришани.
„Пишувањето со мали букви е начин на отфрлање на авторитетот и крутата традиционална граматика. Тоа создава чувство на инклузивност и емоционална поврзаност.“
Карим Салама, основач на дигиталната маркетинг компанија e-innovate, смета дека ова е одраз на потребата за самоизразување кај генерацијата Z.
„Јазикот постојано се развива, особено со новите технологии. Прво го видовме тоа со растечката употреба на емотикони. Сега, пишувањето со мали букви е едноставно, ослободено од ограничувањата на минатите генерации.“
Иако ова однесување стана препознатливо меѓу младите, не е сосема ново. Слично отфрлање на големи букви се гледало уште во 20. век – најпознато во поезијата на е. е. камингс. Подоцна, феминистичката писателка и активистка bell hooks одлучи своето име да го пишува со мали букви – што беше не само естетска одлука туку и политичка изјава, со цел предизвикување на хиерархиите и формалноста.
За некои од генерацијата Z, пишувањето со мали букви е и стилски одлука.
„Има нешто во тоа како буквите се порамнети – едноставно ми изгледа подобро,“ вели Хиловле.
Минимализмот се совпаѓа со љубовта на оваа генерација кон едноставност и несовршеност.
Дури и оние кои не се свесни за визуелната привлечност на малите букви, често велат дека тоа им доаѓа инстинктивно.
„Мислам дека продолжив да користам мали букви од навика,“ вели Куман. „Но кога ќе се сетам, почна затоа што така пишуваа сите во училишната група на телефон, и некако стана нормално.“
Сепак, многу млади се враќаат на големите букви кога се во професионално или академско опкружување, каде што формалноста сè уште е важна.
„Активно користам големи букви кога знам дека зборувам со колеги,“ вели Нардос Петрос (23). „Станува збор за тоа како сакам да се претставам.“
Некои дури и ја користат капитализацијата како хумористичен симбол на зрелоста. Куман споменува тренд на TikTok каде младите го вклучуваат автоматското користење на големи букви како знак дека пораснале.
Иако е прерано да се каже дали малите букви ќе останат долгорочен тренд, или идните генерации ќе ја „преоткријат“ љубовта кон големите букви – за Куман, малите букви се повеќе од само стил.
„Малите букви се начин на комуникација што ме прави да се чувствувам како јас,“ заклучува таа.