Пет финалисти за наградата „ДРАГИ“ 20205

На својата претпоследна дискусија за доделувањето на наградата за најдобар превод „Драги“ жири комисијата во состав д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател), д-р Јана Михајловска, и Иван Шопов (членови) одлучи во последниот круг на селекција да влезат пет преведувачи со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици (распоредени по азбучен ред според првата буква од името на преведувачот):
  1. Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на Три, 2024 година
  2. Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на Артконект, 2024 година
  3. Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на Или-или, 2024 година
  4. Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на Антолог, 2025 година
  5. Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на Светла комора, 2024 година

Во партнерска соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје соопштувањето и доделувањето на наградите „Драги“ ќе се случи на 2 октомври (четврток)во 10.30 часот во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните.

Кусо претставување на финалистите

Ермис Лафазановски (1961) e современ македонски раскажувач, романописец, историчар и теоретичар на литературата, фолклорист и преведувач.

Има објавено повеќе трудови од областа на фолклористиката, книжевноста и културната антропологија. Дал значаен придонес во современата македонска проза. Поради иновативниот пристап во раскажувањето, добитник е на неколку книжевни признанија, како што се: наградата „Стале Попов“на ДПМ, наградата „Прозни мајстори“, која ја доделува фондацијата „Македонија презент“, како и прв добитник на наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“ 2025. Неговиот книжевен опус се состои од повеќе романи, збирки раскази и научни студии. Активно се занимава и со превод на современата романска проза на македонски јазик. Досега превел дваесетина романи од познати романски автори. Член е на ДПМ и на македонскиот ПЕН-центар.

Јасминка Марковска е преведувачка и писателка од Скопје. Дипломирала на Катедрата за oпшта и компаративна литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, како и на Универзитетот „Ратгерс“ во Њу Џерси, САД. Магистрирала на Универзитетот во Осло, Норвешка. Авторка е на неколку драми, поезија и книжевни есеи. Превела повеќе прозни и поетски дела на и од англиски, норвешки и од македонски јазик. Во моментов живее во Норвешка.

Калина Малеска е писателка, професорка, книжевна преведувачка. Нејзини раскази се преведени на неколку јазици и објавени во списанија во земјата и во странство, а учествувала и на повеќе македонски и меѓународни книжевни фестивали. За романот Светот што го избрав ја доби наградата Роман на годината за 2024 што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Добитничка е и на неколку книжевни резиденции. Работи како професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Докторира во 2012 година со докторат на тема за феноменот на моќта. Во однос на превод на книги од англиски на македонски, Малеска има преведено десетина книжевни дела од автори како Лорнс Стерн, Марк Твен, Џуничиро Танизаки, Амброуз Бирс, Л. Френк Баум, Катерина Бабкина, Клер Киган и Леа Ипи.

Лидија Танушевска (1969) е редовен професор на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирала во 2003 г., а докторирала во 2010 г. на истиот факултет. Работела како лектор по македонски јазик на полски универзитети во Катовице и Краков, а исто така и како лектор и раководител на преведувачката работилница при Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Од 2010 г. ги предава предметите по полска литература и предметите по Практика и теорија на превод од полски на македонски и обратно. Автор е и бројни научни статии како и на стручната монографија „Прилог кон конфронтативната граматика на македонскиот и на полскиот јазик“. Се занимава со книжевен превод од полски на македонски јазик и е двократен добитник на наградата „Златно перо“. Во 2015 г. ја доби наградата „Ришард Капушќињски за превод на нов јазик“ во Полска.

Милан Дамјаноски (1977) работи на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, каде што во моментот ја извршува функцијата редовен професор по англиска книжевност и конференциско толкување, при што ги предава предметите Англиска книжевност, Теорија на преведување и толкување, Конференциско толкување. Во 2015 ја одбранил докторска дисертација „Гласот и идентитетот во книжевните дела на Роберт Браунинг, Блаже Конески, Џејмс Џојс и Славко Јаневски“. Со свои трудови учествувал на повеќе домашни и меѓународни стручни конференции. Oбјавил свои трудови во повеќе реномирани домашни и меѓународни стручни списанија и зборници. Бил член на уредувачкиот одбор на меѓународното списание „Блесок“, а во моментов е претседател на организацискиот одбор на Наградата за млад преведувач „Вавилон ЗПРМ“ на Здружението на преведувачи и толкувачи на РС Македонија.

Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари.

            За наградата „Драги“ првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици. Годинава првпат е воведена приоритетна книжевна категорија која ќе се менува секоја година. Во 2025 тоа е прозата (фикцијата) и опфаќа романи, збирки раскази, есеистика, дневници и сл.

Доделена интернационалната награда „Драги“ во Охрид

Како што е веќе соопштено годинашни добитници на меѓународната награда „Драги“ 2025 за најзначаен превод на книжевно дело од македонски автор се Кристина Е. Крамер и Роли Грау, за преводот од македонски на англиски јазик на книгата Долго доаѓање на огнот (The Long Coming of the Fire) од Ацо Шопов,објавена во 2023 година од американската издавачка куќа “Deep Vellum Press”. Свеченото доделување првпат се случи во Охрид, на 11 септември од 11.30 ч. во Конгресниот центар на УКИМ, а во рамки на XII. македонско-северноамериканска конференција за македонистика. Преводот на репрезентативниот избор од поезијата на Ацо Шоповпо беше објавен по повод одбележување на стогодишнината од раѓањето на авторот и  претставува културен и книжевен настан од прв ред во афирмацијата на македонската литература надвор од нејзините национални граници. Со овој превод, делото на еден од најголемите македонски поети конечно доби рамноправно место во англофонскиот свет, каде што досега беше речиси непознато.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.

Следете нè на:

Facebook Награда ДРАГИ https://www.facebook.com/nagradadragi/

Instagram nagradadragi

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни