Цетиње, некогашниот симбол на црногорската историја и култура, деновиве е обвиткан во тага. По ужасниот масакр во кој дванаесет луѓе ги загубија животите, градот тагува за невините жртви, додека општеството се соочува со прашањето – како може да се случи вакво нешто?
Вооружениот Александар Мартиновиќ (45) на 1 јануари го започна својат крвав пир во кафаната „Велестово“, оставајќи зад себе голема трагедија. Неговото безумно насилство заврши со дванаесет убиени и четворица ранети, што го потресе не само Цетиње, туку и целиот регион.
На денот кога беа погребани првите жртви, на лицата на граѓаните на Цетиње јасно се гледаше болка и немоќ.
„Целиот град е обвиен во црно. На секоја улица владее тишина, прекината само од липањето на семејствата кои ги загубија своите најблиски. Ова е трагедија која ги надминува зборовите“ – изјави една од присутните жени на погребот, за српски Курир.
Еден од ужалените граѓани горко го посочи проблемот со неконтролираното поседување оружје:
„Секој носи оружје. Нема контрола. Тоа е трагедија. Ова не е проблем само за Цетиње, туку и за сите нас“, рече тој.
Друг граѓанин ја истакна потребата од едукација и поддршка:
„Оружјето само по себе не е опасно. Опасни се оние кои го користат. Луѓето треба да се едуцираат, да се извлечат од кризата. Тука е потребна сериозна поддршка, од психолози до психијатри“.
По масакрот, црногорското Министерство за здравство итно формираше тимови за давање психолошка поддршка на граѓаните на Цетиње. Министерството за внатрешни работи предложи низа мерки кои вклучуваат:
Построги контроли при издавање дозволи за оружје.
Апел до граѓаните да се предадат нелегалното оружје.
Зголемување на бројот на полицајци за подобра безбедност
Овие мерки доаѓаат во време кога семејствата на жртвите се обидуваат да најдат сила да се справат со загубата, додека целата земја бара одговори на прашањата како да се спречат слични трагедии.