Но, најновото јапонско истражување покажува дека разликата меѓу оптимистите и песимистите не е само прашање на став – туку и на функционирањето на мозокот.
Оптимистите се „на иста бранова должина“
Научниците од Универзитетот Кобе во Јапонија, во студија објавена во престижното научно списание PNAS, откриле дека мозоците на оптимистите работат на зачудувачки сличен начин. Кога замислуваат идни сценарија, кај нив се активира сличен образец на мозочна активност во делот за емоционална обработка и планирање – медијалниот префронтален кортекс.
Наспроти тоа, мозоците на песимистите покажуваат разнолика, неповрзана активност – како секој од нив да „размислува на свој начин“.
Научниците ја повлекуваат паралелата со познатата реченица од романот Ана Каренина на Толстој:
„Сите среќни семејства си личат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин.“
Така и – „сите оптимисти размислуваат слично, додека секој песимист има свој, уникатен пат“.
Истражувањето во бројки и резултати
Во студијата учествувале 87 испитаници. По психолошко тестирање за ниво на оптимизам, им бил скениран мозокот со функционална магнетна резонанца (fMRI) додека замислувале различни сценарија од иднината – позитивни, неутрални и негативни, па дури и сцени поврзани со смртта.
Резултатите покажале дека:
- Оптимистите имаат постојан образец на активност,
- Подобро разликуваат позитивни од негативни сценарија,
- Имаат „почиста“ емоционална обработка и поголема психолошка отпорност.
Не е илузија, туку корисна стратегија
Професорката Лиза Бортолоти од Универзитетот во Бирмингем вели дека оптимизмот не значи илузија:
„Не ја изобличува реалноста – туку го менува начинот на кој таа влијае врз нас.“
Оптимизмот, според неа, може да биде здрава ментална стратегија, сè додека не ве прави неподготвени за предизвици.
Опасности од стандарди и „пилули за среќа“
Професорот Среќко Гајовиќ од Медицинскиот факултет во Загреб вели дека можноста за „мерење“ на оптимизмот со помош на технологијата е фасцинантна, но и потенцијално опасна.
„Ако мозочната активност стане биолошки маркер за оптимизам – можеме ли да замислиме друштво каде се бара од сите да бидат ‘на иста фреквенција’?“
Гајовиќ предупредува на тенденцијата да се нормализира само „позитивното“, што би значело дека луѓето кои размислуваат различно – се емоционално и ментално непожелни.
Заклучок? Со доза оптимизам.
„Оваа студија треба повеќе да нè забавува отколку да нè загрижува. По летните одмори, нека ни биде инспирација да се вратиме во нашето секојдневие полни со здрав и конструктивен оптимизам“, порачува Гајовиќ.