Научниците откриле фосил на птица големината на препелица која живеела пред околу 150 милиони години, за време на ерата на Јура, и која поседувала изненадувачки модерни својства, што претставува откритие кое повторно ја пишува историјата на еволуцијата на птиците.
Новонајдената птица, наречена „Баминорнис женгенсис“ (Baminornis zhenghensis), се приклучува на археоптериксот, птица слична по старост, чиј фосил бил откриен во Германија 1861. година, и која се смета за најстарата позната птица. Меѓутоа, баминорнис, долг околу 15 сантиметри, бил многу понапреден во однос на анатомјата и подобар летач од археоптериксот, кој бил голем колку врана и кој бил наполовина птица, наполовина рептил.
Додека археоптериксот се гордее со долг и тенок реп кој потсетува на диносаурусите-грабливци како што е велоцирапторот, баминорнис има скратен реп како кај модерните птици – важна аеродинамична иновација која помага да се премести центарот на масата на телото напред кон крилјата.
Фактот дека две од најраниите познати птици имаат сосема различни анатомии и што живееле во различни делови од светот – оддалечени една од друга на околу 8.800 километри – сугерира дека еволуцијата на птиците траела милиони години пред нивното појавување.
Палеонтологот Мин Ванг од Институтот за палеонтологија при Кинеската академија на науки, рече дека птиците еволуирале од мали пернати диносауруси.
„На основа на новото откритие, може да се каже дека првите птици настанале пред 172-164 милиони години, многу повеќе милиони години порано отколку што се верувало“, изјави Мин Ванг, главен автор на студијата објавена во списанието „Нејчер“.
„Баминорнис женгенсис повеќе личи на модерни птици“, рече Мин, нарекувајќи го ова откритие „преминска точка за мене и за други еволутивни биолози“.
Археоптериксот до сега бил единствената птица за која е познато дека несомнено живеела во времето на јура, која завршила пред околу 145 милиони години.
Фосилот на Баминорнис бил откриен во 2023. година за време на научни теренски истражувања во округот Џенге во провинцијата Фуџијан. Фосилот го сочувал поголемиот дел од скелетот на птицата, но му недостасува лобаја, што остава празнина во разбирањето на нејзината исхрана и живот, што може да се протолкува од нејзините заби и вилица. Научниците веруваат дека баминорнис веројатно имал заби, како и археоптерикс.