Оскаровката Џени Биван: „Неверојатно е колку често машки актери доаѓаат без долна облека на проби за костими“

Добитничката на „Оскар“ за костимографија, Џени Биван, откри неочекуван и, како што вели, „често непријатен“ аспект од својата работа — бројни машки актери доаѓаат на проби за костими без да носат долна облека.

Во интервју за The Daily Telegraph, британската костимографка која стои зад филмови како Mad Max: Fury Road, A Room with a View и Cruella, раскажала дека пробите и онака се доволно интимни, но отсуството на пристојност од страна на некои актери понекогаш ги прави „непријатни до апсурд“.

„Мораат целосно да ја соблечат облеката. Навистина е неверојатно колку многу актери не носат гаќи,“ изјави Биван, додавајќи дека во неколку наврати морала самата да излезе и да им купи долна облека. „Не станува збор за Calvin Klein или нешто скапо — најчесто купувам обични гаќи од Marks & Spencer. Ако би одела на проба и пробувала туѓа облека, нормално дека би облекла долна облека,“ вели таа со доза на иронија.

Биван, која освои два „Оскара“ — првиот за A Room with a View (1987), а вториот за Mad Max: Fury Road (2016) — не откри конкретни имиња, но истакна дека актерите често ѝ се доверуваат бидејќи не ја гледаат како закана. „Јас сум ниска и изгледам мајчински,“ пошегува се таа.

Во истото интервју, Биван спомена и незадоволство од студиото Disney, кое по успехот на Cruella произвело модна колекција инспирирана од филмот без нејзино знаење или консултација. „Ме повикаа на Zoom состанок, каде што младите креативци ми држеа долги говори за нивните идеи. Кога на крајот ме прашаа дали имам што да додадам, беа прилично изненадени што некој од костимографијата се осмелува да им противречи,“ откри таа.

Биван, позната по својата искреност, откри и неколку анегдоти од работата со славни актери. Така, предупреди дека „не е мудро да го тераш Ралф Фајнс да чека на проба“, а за покојната Меги Смит рече дека знаела да биде „прилично застрашувачка“. „Треба да останеш цврст и да не покажеш слабост. Но по некое време ќе чуеш тивко чукање на вратата и некој ќе рече: ‘Џени, Меги сака да те види’. Таа ќе те пречека со кафе и прашање дали имаш цигара, и ти остануваш збунет, прашувајќи се што точно се случи пред пет минути,“ раскажа Биван низ смеа.

Со својата отвореност и долгогодишно искуство, Џени Биван уште еднаш потсети дека зад гламурот на Холивуд стојат луѓе со работа која, иако креативна, не е секогаш толку сјајна — особено кога актерите забораваат на најосновните правила на пристојност.

Извор: Deadline

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни