Оваа година, по 34-ти пат, ќе се одржи овој спектакуларен настан кој повеќе од три децении ги соединува децата од различни вери и националности, негувајќи го меѓуетничкото пријателство преку раскошни костими и традиционални ора.
Фестивалот претставува симбол на пријателство меѓу децата од државата и странство, а домаќини се Детскиот културен центар „Карпош“ со својот фолклорен ансамбл. Еден од најсимболичните моменти на фестивалот е дефилето на учесниците, кое ќе започне во 18:30 часот од Центарот и ќе заврши со формирање на најголемото оро – оро кое не познава граници и е симбол на детското пријателство.
– „Оро без граници“ е празник на градот кој широко ги отвора вратите кон Европа и светот и е амбасадор на културата. Фестивалот придонесува за зачувување и презентирање на традицијата и културата и за промовирање на знаменитостите по кои е препознатливо Скопје – истакна директорот на фестивалот д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.
Централниот настан ќе се одржи на 19 септември 2025 година во Градскиот парк – Школка, со почеток во 19:00 часот. Фестивалот традиционално ќе започне со македонски ора во изведба на фолклорната секција на ДКЦ „Карпош“.
Организатор на фестивалот е Детскиот културен центар „Карпош“, а главен покровител е Град Скопје.