Современото органско земјоделство е развиено како одговор на еколошката штета која се предизвикува од употребата на хемиски пестициди и синтетички ѓубрива во конвенционалното земјоделство и има бројни еколошки предности.
Податоците велат дека помеѓу 2012 и 2021 година, површините што се користат за органско земјоделство се зголемиле во речиси сите земји на ЕУ. Најголемо зголемување имале Португалија за 283 отсто и Хрватска за 282 отсто. Според податоците од Државниот завод за статистика во земјава во 2022 година, површините со органско производство на житни култури изнесувале 2.486 хектари и остварен принос од 3.869 тони. Во однос на 2021 година, органското производство на житните култури е намалено за 1.8 %, кај индустриските култури производството е зголемено за 48.1 %, кај фуражните култури производството е намалено за 16.3 %, производството на зеленчук е зголемено за 84.2%, кај овошките производството е зголемено за 30.2 % и 10.9 % е зголемено производството на органски лозови насади. Вкупниот број на органски говеда е 7.821 грло и во вкупниот број говеда учествува со 4.8 %. Учеството на органски овци во вкупниот број овци изнесува 16.1 %, а органските кози учествуваат во вкупниот број кози со 6.4 %. Производството на органски мед во 2022 година е намалено за 25.5 % во однос на 2021 година, а бројот на пчелни семејства во истиот период е намален за 14.6 %.
Интересен е фактот што кај нас поддршката за органското производство продолжува со дополнителни директни плаќања со зголемување од 30% за фуражни култури, 50% за поледелство, сточарство и пчеларство, 70% за овоштарство и лозарство и со зголемување од 100% за градинарско производство, како и покривање од 50% на трошоците за сертификација на органско производство и покривање од 80% од трошоците за агрохемиски, педолошки или анализи на остатоци од пестициди, тешки метали и слични материјали на почва и во органски производи.
За органските производители оваа година се на располагање субвенции во висина од 104 милиони денари. Поголемиот дел се наменети за финансиска поддршка за органското сточарско производство како и за одредени активности во производството и во тргувањето со органската храна. Поголемиот дел од средствата или 52 милиони денари се наменети за органското сточарство, а 25 за растителното производство.
Со 5 отсто или до 150.000 денари се поддржува и трговија, извозот на свежи и преработени органски производи и преодот од неорганско во органско производство.
Од горенаведеното може да се заклучи дека сепак недостасуваат доволно активности за развој и пласман на органското производство, зашто голем број од производителите на овие производи дел од нив се приморани да ги продаваат и како конвенционални за многу пониска цена отколку онаа која би ја постигнале како органски производ.
Се прашуваме кои се аномалиите: недостаток на семе и саден материјал, средства за заштита, ѓубрива, оддалеченоста до пазарите, цената на органските производи е повисока, а купувната моќ на граѓаните е помала. Што е потребно овде: Поголема едукација за овој вид производство како за призводителите така и за потрошувачите, соработка, едукативни работилници, поголема застапеност во медиумите за бенефитите од органското производство, присуство на саеми, заедничка промоција, нивна поддршка како и донесување нов закон за органското производство. Исто така многу важно е и подигнување на свеста за практикување на органско производство и негова консумација, процесот на производство од нива до трпеза, начинот на одгледување, стекнување доверба кај потрошувачите. Битен момент е и како да се настапи на пазарот, како да се промовира сопствениот производ, овде е многу важно самите производители да знаат што е маркетинг и како да ги пласираат нивните производи. Да имаат полесен пристап до пазарите, зголемено присуство, соработка со потрошувачите, сево ова се битни моменти за нивна поддршка и охрабрување да продолжат со оваа дејност.
Неоспорен е фактот дека органското производство претставува алтернатива за негативните еколошки последици кои доаѓаат од употребата на хемиски ѓубрива како и од разните средства за заштита кои се користат во конвенционалното земјоделство. Мора да се спомене и фактот дека доста е застапен увозот на органски производи, ова повеќе се однесува за преработките зашто производството на плодови во свежа состојба во добра мера е застапено. Нашата земја има идеални услови за нивно одгледување и затоа на сите нас и како држава и како земјоделци и како потрошувачи од особен интерес ни е зголеменото производство на органска храна.
Извор: agrotim.mk