Источна Австралија се наоѓа на удар од силен тропски циклон. Станува збор за најсилниот тропски циклон што се спуштил толку јужно до источниот брег на Австралија. На директен удар е градот Брисбејн, третиот најголем град во Австралија, кој брои 2 и пол милиони жители. Меѓу жителите веќе неколку дена владее паника, а многумина или побарале заклон или се евакуирани од загрозените области.
Олујата настала крајот на февруари и се наоѓала североисточно од Австралија. Потоа продолжи да се движи кон југ и последните неколку дена направи завртување кон запад, директно кон источна Австралија. Овој дел од Австралија и поширокото подрачје на Брисбејн се наоѓаат под удар на многу обилни дождови и силни ветрови. На некои локации паднало повеќе од 300 литри дожд, а долж брегот брановите достигнуваат неколку метри.
Пред налетот на ураганот, евакуирани се повеќе илјади луѓе, а стотици училишта и други установи се затворени. Затворени се бројни аеродроми, како и главниот аеродром во Брисбејн, при што се откажани стотици летови. Под удар на тропскиот циклон денес и за време на викендот ќе се најдат југоисточните делови на Квинсленд и северните области на Нов Јужен Велс.
Се очекува повеќе од 5 милиони луѓе да бидат под удар на циклонот, имајќи во предвид дека ќе погоди еден од најгусто населените делови на Австралија. До сега, повеќе од 50.000 луѓе останале без струја јужно од Брисбејн. Продавниците се празни и настанала е голема паника, а милиони луѓе бараат заштита.