Така започнува и необичната приказна на Карли Хјуз Хорвaт, фотографка од Ванкувер, која пред пет години била ангажирана да фотографира настан во познатиот стриптиз клуб No5 Orange. По завршувањето на снимањето, менаџерот на клубот ѝ предложил нешто неочекувано: „Зошто и ти не би настапувала?“ За Карли, оваа идеја претставувала не само професионален предизвик, туку и шанса да стане дел од светот кој дотогаш го гледала од страна – и да го документира однатре.

Оттогаш, таа ги комбинира двете улоги – фотографка и стриптизета – со што стекнува редок, автентичен увид во интимната, често погрешно разбрана култура на стриптизот. Тоа ѝ овозможило пристап до моменти кои би биле недостапни за кој било надворешен набљудувач. Кулминацијата на ова искуство е изложбата Fear of Crowds, поставена во галеријата Fingerprints во Ванкувер. Делата од оваа серија не се ниту гламурозни, ниту сензационалистички – тие се сурови, искрени, но исполнети со почит, откривајќи ја емотивната и визуелна комплексност на просторот во кој жените танцуваат, работат и преживуваат.

Во интервју за VICE, Карли споделува што сè научила во текот на овие пет години. Пред сè, вели дека стриптизетите се вистински спортистки – жените во клубовите имаат речиси олимписко ниво на физичка подготвеност, изведувајќи и по 37 настапи неделно. Работата е физички и психички исцрпувачка и бара строга самодисциплина. „Мораш да се грижиш за себе – нема алкохол, само малку трева. Ова е работа што бара сила, а не само изглед“, вели таа.

Карли нагласува и дека секс-работата е вистинска работа. „Работев многу нешта – бев маскота, студирав право, работев со кредити – но ништо не е толку тешко како ова“, додава. За неа, стриптиз клубот е место на женска солидарност, пријателства и заедништво. Иако може да влезеш сам, никогаш не си навистина сам – секогаш некој ќе те слушне или ќе ти подаде рака.

Има и една темна страна – брзите пари можат лесно да те заробат. Карли признава дека почнала со намера да заработи за подобра опрема, но брзо влегла во замката на „брзиот кеш“ и морала постојано да се потсетува на вистинската причина зошто почнала.
Интересно, таа вели дека чувството кога настапуваш пред полна сала, додека свири твојата музика и светлата се вртат околу тебе – е подобро од било која дрога. Но не се важни само триковите. Според Карли, успехот на сцената доаѓа од личноста, од енергијата, од она „нешто“ што не може да се научи – вистинската самоувереност, комуникацијата со публиката и присуството.

И покрај тоа што светот станува поотворен кон темата на секс-работата, стигмата и срамот сè уште се длабоко присутни. „Гледам како многу мои пријателки, интелигентни и силни жени, се срамат од себе – а нема зошто. Тие се добри пријателки, ќерки, сестри. И секако, професионалки.“

Еден неочекуван дел од нејзиното искуство е односот со жените во публиката. Иако многумина би очекувале дека токму жените ќе покажат најмногу почит, Карли предупредува дека токму хетеросексуалните цис жени најчесто ја преминуваат границата – фаќаат, удираат, се однесуваат несоодветно. „Со мажите барем знаеш што да очекуваш – тие треба да се подобрат, но жените треба да сфатат дека и ние сме луѓе.“

Иако вечерната смена носи гламур и возбуда, Карли открива дека дневната има своја уникатна интимност. Луѓето што доаѓаат преку ден, сами, често носат длабоки приказни со себе – а тие се најинтересни за неа. Како што се сеќава на еден 80-годишен маж кому му изведувала танц на песна од Skrillex, таа вели: „Тоа никогаш нема да го заборавам – толку апсурдно, толку вистински.“

На крајот, со насмевка додава дека Канада има нешто посебно. „Кај нас може да бидеш целосно гола и да има алкохол – Quagmire беше во право: канадските стриптиз клубови навистина се магични.“