Novo Nordisk отпушта 9.000 работници поради пад на профитот: Дали Ozempic стана жртва на сопствениот успех?

Данскиот фармацевтски гигант “Novo Nordisk” отпушта 11% од вработените и ја намалува прогнозата за профит поради конкуренцијата на пазарот на лекови за слабеење. Компанијата инвестира 550 милиони долари во напредна RNK терапија.

Падот на пазарната вредност, неуспешните клинички испитувања и загубата на профит доведоа до нова стратегија на компанијата “Novo Nordisk”.

Данската фармацевтска компанија “Novo Nordisk“, позната по лековите за слабеење „Ozempic“ и „Wegovy“, најави дека ќе отпушти 11% од вработените и ја намали прогнозата за профит за оваа година. Причина е зголемената конкуренција од американската „Eli Lilly“ на сè порастечкиот пазар на лекови за слабеење.

Според Financial Times, околу 9.000 лица ќе останат без работа, од кои 5.000 само во Данска — што е голем удар за националната економија, која во голема мера зависи од компанијата.

Компанијата некогаш важеше за највредна во Европа, но изгуби две третини од својата пазарна вредност во последната година — од 642 милијарди долари во јуни 2024, на 237 милијарди денес.

Иако производите како „Ozempic“ и „Wegovy“ доживеаја огромен комерцијален успех, пазарот сега станува сè поконкурентен. „Eli Lilly“ агресивно го освојува пазарот, а секторот за слабеење почнува да функционира како класична потрошувачка индустрија — каде брзината и маркетингот се клучни.

Новиот извршен директор, Мајк Дустдар, најави „културна трансформација“ во компанијата — со фокус на резултати, ефикасност и флексибилност. Ќе се инвестира таму каде што постои најголем потенцијал за медицински напредок.

Нови вложувања во биотехнологија

И покрај кратењата, “Novo Nordisk” инвестира и во иднината. Компанијата објави дека вложува 550 милиони долари во американската биотех компанија “Replicate”, која развива напредна RNK-технологија (self-replicating RNA – srRNA), наменета за побезбедни и поефикасни терапии.

Со тоа, “Novo” се обидува да го одржи технолошкото лидерство и да се позиционира во нови медицински полиња, вклучувајќи терапија против рак и развој на вакцини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни