Нова метода за прецизно одредување на границите на тумори – развиена во Хрватска

Научници од Институтот „Руѓер Бошковиќ“ (ИРБ) во Хрватска, во соработка со меѓународни партнери и болници, развија иновативна метода на компјутерска патологија која овозможува многу прецизно одредување на границите на туморското ткиво.

Со користење на хиперспектрално снимање на хистопатолошки препарати, новата технологија нуди значајни подобрувања во дијагностиката и третманот на рак.

Проектот, кој се реализираше под водство на д-р Ивица Коприва од Лабораторијата за машинско учење и репрезентации на знаење при ИРБ, е резултат на повеќегодишна работа и тесна соработка со компанијата Photon etc од Канада, патолози од Клиничката болница Дубрава и Клиничкиот болнички центар Загреб, како и соработници од Техничкиот универзитет во Минхен и Заводот за молекуларна медицина на ИРБ.

Методата користи хиперспектрална анализа, техника која за разлика од традиционалните RGB (боени) слики, овозможува многу подетално снимање со спектар кој го надминува она што човечкото око може да го перцепира. Со тоа, се добиваат дополнителни информации за структурата и составот на ткивото.

Новата алгоритамска метода, која работи во полунадгледуван режим, успева со повеќе од 96% прецизност да ги разликува туморските од здравите клетки – дури и на ниво на поединечен пиксел. Особено е значајно тоа што за тренирање на алгоритмот е потребно патолозите да означат само околу 1% од податоците, по што тој самостојно ги класифицира останатите клетки со висока точност. Ова ја олеснува обуката и значително го скратува времето потребно за анализа, што е голема предност во клиничка пракса.

За разлика од класичните методи на машинско и длабоко учење, алгоритмот базиран на таканаречени Грасманови многострукости овозможува подлабоко разбирање на формите и боите на клеточните структури. Со тоа, методата не само што обезбедува прецизна детекција, туку и ја поедноставува интеграцијата во секојдневната работа на болниците.

ИРБ нагласува дека оваа технологија е применета и тестирана на пример на метастази од рак на дебелото црево кои се прошириле на црниот дроб. Резултатите ветуваат значителна поддршка за онколошките хирурзи, бидејќи може да обезбеди поголема сигурност при одлуки за опсегот на хируршките интервенции. За пациентите, тоа значи потенцијално подобар исход на лекувањето.

Истражувањето траело осум години и претставува важен чекор кон развојот на асистивни технологии во онкологијата, со реални изгледи за брза примена во клинички услови.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни