Експертите веќе долго време предупредуваат дека бројот на деца на предшколска возраст кои имаат проблеми со говорот или потешкотии со концентрацијата и вниманието се зголемува секоја година. Се проценува дека проблеми со изговорот на некои гласови денес има секое шесто предшколско дете.
Иако се верува дека главниот причинител за ова е користењето на дигитални уреди, особено мобилни телефони, дефектологот и логопед, Марина Ранѓеловиќ, токму во овие уреди го видела решението. Пред повеќе од седум години, во соработка со својот тим, започнала да работи на креирање на апликација за дигитална обработка на говорот, која ја нарекла Мобилиќ.
Како настана Мобилиќ
Ако пред официјалната објава, апликацијата била тестирана една година во два логопедски центра, денес ја истата користат родители на деца со говорно-јазични проблеми, како и дефектолози-логопеди. Идејниот творец на оваа апликација, Марина Ранѓеловиќ, ги испитува реакциите на децата бидејќи апликацијата првенствено е создадена за нив.
Марина за Forbes Србија изјавила дека идејата првично била насочена кон деца кои имаат проблем со изговорот на некои гласови. Кога го видела како реагираат децата на овој вид на стимулус, одлучила да ја прошири апликацијата и за деца кои имаат проблеми со развојот на говорот и јазикот.
Биле додадени реченици, глаголи, задачи за аудитивна перцепција, а подоцна и емоции, бидејќи многу истражувања во детската психологија и развој покажале дека денес има се повеќе деца кои имаат проблеми со препознавање на сопствените и туѓите емоции.
Како функционира и кому му помага Мобилиќ
Марина објаснува дека работата со децата на овој начин подразбира двонасочна комуникација и учење:
„Благодарение на сетот специјално креирани програми, детето преку слушалки и микрофон го слуша својот сопствен говор. Потоа може да погледа слика или видеоснимка, да каже што гледа, да повтори она што го кажува спикерот на картата или да повтори што му зборува логопедот или родителот. Децата се многу повеќе мотивирани за работа и учење нови задачи. Новата технологија е поблиска за денешните деца отколку што беше за нас кога растевме. Мотивираното дете полесно и побрзо учи, а со тоа се забрзува и напредокот“, вели Ранѓеловиќ.
Децата уживаат во работата со апликацијата
Додека детето го изговара гласот, Мобилиќ го засилува правилно изговорениот глас, а ги намалува другите. Така детето ја добива свеста за правилен изговор на гласот кој го вежба.
Ранѓеловиќ додава дека основата на апликацијата се специјално креираните програми и големиот број примери за работа. За формирање на гласот „Л“, на пример, креирани се 177 картици, 144 илустрации кои го содржат гласот „Л“, 144 аудио снимки, 432 реченици за автоматизација на гласот „Л“ и 33 задачи за автоматизација на гласот „Л“.
Користење на апликацијата
Иако апликацијата е предимензионирана за логопедски центри, може да се користи и во домашни услови, а планот е за следната година да се развие подобрена верзија наменета за возрасни лица.
„Родителите треба да знаат дека ова не е само уште една игра која треба да го забавува детето. Тоа е исклучиво дополнително средство за работа, вид на вежбање и учење, што значи дека сигурно нема да предизвика зависност кај децата“, истакнува Марина.
Планови за иднината
Како следен чекор, тимот планира да развие апликација за вежбање на јазичните способности на лица кои претрпеле мозочен удар или повреда на мозокот. За оваа апликација, тие соработуваат со Тана Миловановиќ, доктор на логопедија на Универзитетот во Белград, која има повеќе од 10 години искуство во работа со такви пациенти.
Интерес за апликацијата
Основната верзија на апликацијата може да се преземе бесплатно, додека специјалните функционалности и задачи се наплаќаат. Апликацијата се користи и од деца во дијаспората, а пред сè, од родители кои сакаат да им помогнат на своите деца во учењето на српскиот јазик.
Мобилиќ и официјално беше претставен на македонскиот пазар, со програми и задачи на македонски јазик, што ја прави достапна за сите заинтересирани.