Романот Grandma Non-Oui (Баба Но-Уи) од Лидија Димковска, во превод на Кристина Е. Крамер (Istros Books, Или – Или), е на долгиот список за National Translation Award во категоријата проза, што го доделува American Literary Translators Association (ALTA). Оваа номинација повторно ја става македонската книжевност во фокусот на светската преведувачка сцена.

„Се радувам што мојата преведувачка Кристина Е. Крамер која тукушто ја доби наградата ДРАГИ заедно со Роули Грау за препевот на поезијата на Ацо Шопов на англиски, сега е номинирана за преводот на мојот роман Но-Уи (на англиски Баба Но-Уи) за една од најзначајните награди за книги во превод во САД. Самата номинација и тоа што Но-Уи влезе во изборот од 12 дела од извонредни современи автори, за мене е чест и радост.“ – изјави утрово Лидија за Трн.
National Translation Award се доделува секоја година во две категории — проза и поезија — за најизвонредни преводи на англиски јазик. Оваа година на long-листата се најдоа 12 книжевни дела од современи автори ширум светот, избрани според уметничката моќ на текстот и квалитетот на преводот. Победниците ќе бидат објавени на свеченоста на ALTA во ноември.
Романот ја носи приказната на баба и внука во дијалог што се движи низ генерации, географии и историски пресврти — од предвоена Европа до миграциите во 21 век. Со својот стил, делото ја истражува темата на траумата, преносот на меморијата и потребата од разбирање помеѓу различни генерации. Преводот на Крамер е оценет како верно и силно пренесување на автентичниот ритам и емоција на делото.