Неонацистички боречки клубови од САД се шират глобално, од Канада до Финска

Фар-рајт „активни клубови“ што промовираат фашистички идеологии преку боречки вештини, се појавуваат во сè повеќе држави.

Движењето на т.н. „активни клубови“ – екстремно десничарски групи кои комбинираат боречки вештини со неонацистичка идеологија забележува забрзан раст на меѓународно ниво, пренесува британскиот весник „Гардијан“.

Во јуни годинава, повеќе од десетина мажи со црни маски и очила за сонце се појавија пред градското собрание во Лондон, Канада, скандирајќи „Масовни депортации сега“ и „Нема крв за Израел“, при што истовремено држеа транспаренти со истите пораки. Видеото беше објавено на платформата Телеграм, каде овие групи редовно споделуваат пропаганда.

Иако вакви сцени се веќе вообичаени во САД, нивната појава во Канада укажува на ширење на феноменот. Групата која стои зад акцијата се претстави и во други канадски градови, меѓу кои Торонто и Хамилтон, промовирајќи лозинки како „Народ-Семејство-Иднина“.

Според истражување на организацијата Global Project Against Hate and Extremism (GPAHE), од 2023 година наваму, „активни клубови“ се појавиле во Шведска, Австралија, Швајцарија, Велика Британија, Финска и за првпат во Латинска Америка – во Чиле и Колумбија. Во моментов постојат активни клубови во 27 земји.

„Моделот на активен клуб беше дизајниран од Роб Рундо,“ вели Хајди Бајрих, основачка на GPAHE. Рундо, познат неонацист од Њујорк, во 2024 година призна вина за учество во заговор за предизвикување нереди на политички протести во Калифорнија во 2017 година. Тој претходно го предводеше неонацистичкото движење Rise Above Movement, чии членови беа вмешани во насилствата во Шарлотсвил, Вирџинија.

Иако Рундо повеќе не е формално поврзан со новите клубови, тие и понатаму се инспирираат од неговата идеологија, која повикува на локални и автономни ќелии. Активните клубови често се организирани околу боречки клубови и тренинг-центри, каде се промовира насилен национализам и расизам, особено против имигранти, Евреи и ЛГБТК+ лица.

Во Австралија, сличен модел го спроведува Томас Сјуел, познат насилен неонацист, кој, според Бајрих, организира ММА турнири со цел регрутација. Сјуел дури признал дека се обидел да го регрутира извршителот на масакрот во Крајстчрч во една од своите групи.

Спортовите како мешани боречки вештини стануваат централна точка за регрутација во овие групи. Угледувајќи се на воените формации од нацистичка Германија и хулиганските структури во европскиот фудбал, „активните клубови“ се претставуваат како современи „штурмтрупи“.

Некои од овие клубови се поврзуваат и со други американски екстремно десничарски групи, како Patriot Front, чиј лидер Томас Русо неодамна објави фотографии од боречки тренинг со членови на активни клубови. Соработката е јавна, особено преку Телеграм, каде се разменуваат пропагандни материјали и се повикува на приклучување кон групи како Patriot Front.

Според извештајот на GPAHE, „активните клубови“ се обидуваат да создадат глобална мрежа со координирани акции и комуникација преку социјалните мрежи, при што таргетираат млади мажи и ги регрутираат во токсични, насилни идеологии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни