Ненад Божовиќ: Да истрчаш маратон, значи да се надминеш себе си

Спортот игра огромна улога во мојот живот. Пред се мојата посветеност и дисиплина  се рефлектираше и врз моето семејство, како родител, ми беше многу мило кога слушав од моите деца коментари од типот „кога може тато, можеме и ние„. Учеството на трки во земјава но пред се надвор од земјава, ми донесоа огромен број на нови пријателства и искуства

Меѓународниот ден на спортот, кој се одбележува секоја година на 6 април, е посветен на важноста на физичката активност и на спортот во нашите животи. Овој ден има за цел да ги поттикне луѓето на глобално ниво да учествуваат во различни спортски активности и да ја препознаат нивната улога во развојот на здрави и среќни заедници. Спортот не само што помага во подобрувањето на физичката и менталната здравствена состојба, туку игра важна улога и во развојот на тимска работа, дисциплина и почитување на правилата.

Меѓународниот ден на спортот е и можност за прослава на инклузивноста и солидарноста, бидејќи спортот има моќ да ги обедини луѓето без оглед на нивната возраст, пол, раса или националност.Овој ден не е само повод за славење на победите и спортските успеси, туку и за поттикнување на сите да го прифатат спортот како дел од своето секојдневие, за да водат поквалитетен и поздрав живот. На оваа тема разговаравме со Ненад Божовиќ, кој ни ги раскажа сите предизвици, но и сите убавини на трчењето и на маратонот.

Трн: Како започнавте со трчањето и кога ја откривте својата љубов кон маратоните?

Ненад: Пред да започнам со одговор, би сакал да ви заблагодарам на можноста да ја споделам својата тркачка приказна како и приказната на екипата со која заеднички трчаме, дејствуваме, патуваме и се дружиме. Со трчањето пред се како рекреација и спортска активност се обидував да се занимавам повеке пати низ мојот живот, за да некаде пред 10 години почнам и во континуитет до ден денеска не престанам. Тој почеток беше обид да се намали телесната тежина, и во прв момент не ни очекував дека еден ден ќе бидам во ситуација да истрчам маратон. Секако пред да дојдете до таму, потребно е да се посветите и да тренирате за да можете маратонот да го истрчате безбедно по здравјето и секако без болка. Предходеа првите истрчани 5км па 10км, потоа открив дека постојат и организирани трки, па следуваа полумаратоните и како минуваше време, така апетитие за трки растеа, посветеноста и мотивацијата ме донесоа до маратонската должина. Тоа  маратонско „патување” сигурно ќе беше многу потешко доколку околу мене не беше моето семејство, но и екипата со која трчам 091RUNCrW -Скопје.

Трн: Што ви значи да бидете маратонец и каква улога игра спортот во вашиот живот?

Ненад: Да истрчаш маратон за мене значи да се надминеш себе и ова не се однесува само на денот на трката или на самиот чин на завршување на истата. Тоа е процес на подготовки, тренинзи, дисциплина и посветеност. Да бидам искрен, мислам дека маратон може да истрча секој човек, маратонот е таква должина и дисциплина што таа самата ќе ве оцени колкав труд сте вложиле. Спортот игра огромна улога во мојот живот. Пред се мојата посветеност и дисиплина се рефлектираше и врз моето семејство, како родител, ми беше многу мило кога слушав од моите деца коментари од типот „кога може тато, можеме и ние”. Учеството на трки во земјава но пред се надвор од земјава, ми донесоа и огромен број на нови пријателства и искуства.

Трн: Трчањето за вас е повеќе од спорт. Тоа е и промоција на здрави животни навики, активизам и размена на искуства и промоција на нашата земја. Колку сето тоа е мотив плус кога трчате?

Ненад: За да ви одговорам на ова прашање би сакал пред се да ви ја представам екипата со која трчам, 091RUNCrW. www.091runcrw.mk
Формирана е пред речиси 9 години, да напоменам дека тоа не е атлетски клуб, тоа е едноставно екипа која трча. Единствена екипа од земјава која ги дели вредностите на едно ункатно светско тркачко движење кое се вика ”Bridge the Gap” (BTG), кое е формирано од уличните трчачи во Њу Јорк некаде пред повеке од 15 години. Денеска мапата  на нашиот тркачки свет изгледа вака Home – Running Crews

Движењето, промовира надминувањето на разликите, спојувањето  на различностите, активизам на сите полиња во општеството, размена на искуствата, меѓусебна подршка и мотивација.

Имено, на официјалните маратонски и полумаратонски трки во многу градови каде што има вакви BTG екипи се организираат настани на кои се собираат сите екипи кои се присутни на таа трка, цел викенд е организиран од екипата домаќин.
Од пијалак за добродојде, паста забава, подршка на денот на трката, па се до заедничка забава по завршување на трката. Тоа е огромна можност за запознавање на нови пријателства, размена на искуства, представување на нашиот град, нашата земја и нашите трки. Многу наши пријатели по тие дружења не посетиле и учествувале на нашиот најголем тркачки бренд „Скопскиот Маратон” кој каде и да одиме го промовираме и сме горди на него и како бренд и како празник на спортот и рекреацијата во нашиот град. Сите овие работи што ги набројав се огромна мотивација и додатна енергија за трчањето. Не секогаш сите од нас трчаат, но затоа имаме една девиза која гласи „Ако не трчаш, навиваш” тоа е таа подршка и мотивација плус што е неизмерно потребна.

Трн: Во моментов се подготвувате за една интерсна штафетна трка Eurotrip 2025. Kажете но нешто повеќе за тоа?

Ненад: Да, во моментов јас и целата екипа сме концентрирани на една штафетна трка, која се вика Eurotrip 2025 https://www.indierunner.nl/eurotrip-all-info. Оваа година ќе биде нејзиното 4-то издание и ќе се одржи од Инсбруг (Австрија) до Љубљана (Словенија). На трката една екипа учествува со 8 тркачи од кои минимум 2 жени. Се трча штафета при што делницата од 430км треба да се поминие за околу 36 до 40 часа. На трката ќе земат учество 35 екипи од цела Европа. Трката е логистички доста тешка, покрај 8те тркачи, 8 до 10 луѓе од нашиот тим ќе бидат задолжени за подршка.


Оваа можност би сакал да ја искористам да се заблагодарам на пријателите кои финансиски ни помагаат со дел од средствата за учество, но и би апелирал до лица и компании кои би сакале да помогнат да не контактираат. Уште не сме таму каде што сакаме да сме од организациско логистичка точка, но се надеваме дека ќе успееме со помош на пријатели и компании кои сакаат да помогнат. Трката ќе биде извонредна можост да ја промовираме нашата земја, нашиот град,  да запознаеме нови пријатели и да ги поканиме да не посетат и земат учество на некоја од трките во Македонија.

Трн: Дали имате некој посебен момент или достигнување од маратоните што ви останал во сеќавање?

Ненад: Секоја трка е посебен момент, поготово ако во некој град си за прв пат. Но и да не си, трчањето по затворени сообраќајници од еден град се уникатна и незаборавна можност да го запознаеш тој град и да го разгледаш од еден друг агол. Кога би имале можност да трчате или пешачите по коловоз да речеме низ еден Берлин, во обичен ден кога улиците се преполни со возила? Никогаш…
Сепак би одвоил една трка која засекогаш ке ми остане во сеќавање. Тоа е Лондон Маратон. Од моментот, дека учеството на трката го добив на лотарија органзирана од самиот Лондонски Маратон, па се до 17 неделните подготовки, мојот личен резултат (кој е секако далеку од некои атлетски врвни достигнувања но за мене доказ дека ако се посветиш ќе успееш) па се до атмосферата на улиците на метропола како што е Лондон, 42 километри полни со публика, бодрење и вајб кој вечно се памети. По некои проценки на трасата и покрај дождливиот ден имаше над 1 милион луге и со сигурност официјално 50.000 регистрирани учесници. Ден за кој вредеше дисциплинирано и посветено да се тренира.

Трн: Како влијае трчањето на вашето физичко и ментално здравје?

Ненад: Одлично, пред се на физичкото здравје, но без физичко здравје нема ни ментално. Можам да кажам дека многу ми помогна во намалување на телесната тежина при што се балансираа многу други здравствени параметри кои не газат како старееме. Веројатно да не трчав ке бев со грст апчиња за ред здравствени состојби кои за жал мачат многу од моите врсници. Додека чувството на смиреност после одработен тренинг и состојба на умот се навистина приказна за себе. Едноставно пробувам да се исклучам од секојдневните проблеми за тој час или час и половина дур трае трениг трчанката и потоа е се полесно.

Трн: Што би им препорачале на почетниците кои сакаат да започнат со трчање или да учествуваат во маратон?

Ненад: На почетниците би им препорачал неколку работи, да бидат храбри, да не се откажуваат бидејќи секој почеток е тежок, а истрајноста и дисциплината секогаш ке ги наградат. Додека на оние кои би сакале да трчаат по сериозно и притоа да се подготват да истрчаат маратон, па макар тоа било како јас, рекреативно, обавезно да извршат лекарски преглед, да внимаваат на некои правила при подготовка на маратонот, да внимаваат на исхраната и да не се откажуваат во тој процес, колку тој да изгледа на моменти тежок, јас пак ќе повторам, секој човек може.

Трн: Кои се вашите цели за иднината, дали имате некои нови маратони или спортски предизвици на ум?

Ненад: Секогаш има предизвици, да речеме би сакал да ги имам истрчано сите полумаратони во градовите во нашето соседство и главните градови на земјите од бившата држава, но повеќе од тоа би сакал да трчам на други континенти и секако големите маратони од серијата Majors Maratons.

Трн: Како го гледате развојот на спортот во вашата земја, особено во однос на трчањето?

Ненад: Овде ќе одговорам само во однос на трките и трчањето како спортска активност, би сакал денот на трките да биде празник за градовите каде што се одржуваат. Граѓаните треба да бидат среќни дека нивниот град е домаќин на една трка, бидејки тоа е бенефит за нивниот град, и бенефит за здравјето на оние кои трчаат и потеницијална мотивација за оние кои не трчаат. Замислете дека еден ден во Скопје на Скопски Маратон се пријавени 35000 луѓе од кои 15000 се од странство. Замислете дека тие 15000 луѓе од странство дошле со придружба. Тоа се 30000 посетители во градот за еден викенд. Дали треба да пресметуваме за да видиме каков бенефит е тоа?

Трн: На Светскиот ден на спортот, како го гледате влијанието на спортот во општеството и што би сакале да промените или подобрите?

Ненад: Спортот има огромно влијание врз општеството. Спортот има повеќекратни бенефити кај луѓето, нема да откријам топла вода ако кажам дека е многу битен кај развојот на децата, одржување на здравјето кај возрасните категории на населението. Нема да кажам ништо за професионалниот спорт, затоа што јас самиот, ниту пак екипата со која трчам не сме професионалци, но мојот личен став е дека е поле кое треба многу да се реформира, а кое носи огромни придобивки за една земја и нејзините граѓани. Лично би сакал да се актуелизира и популаризира училишниот спорт, уште од најмала возраст, низ училишни спортски лиги и учество на учениците од сите нивоа на образовниот процес во разни спортови. Спортот ја зголемува самодовербата кај децата, спортот ги учи на порази и победи. Деца кои имаат самодоверба и кои знаат како е да се изгуби и победи во спортот се корисни за општеството и тие знаат како да се носат со проблемите кои ги носи секојдневниот живот. Здравите навики стекнати во спортот, создаваат здраво општество.Top of Form.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни