На 3 ноември по 16 пат ќе започне „Недела на јапонски филм“ во Кинотека на Македонија со филмот „Барем љубов“. Оваа година програмата на Јапонската филмска недела ќе обработува теми од секојдневните предизвици со кои се соочуваат претставници од различни демографски групи во јапонското општество. Тоа ќе и овозможи на публиката полесно да се идентификува и приближи до културата која е далечна, а сепак блиска.
Публиката ќе има можност да види нови јапонски филмови од помладата генерација продуценти, како и атрактивни актери кои се популарни во Јапонија.
На прес конференцијата организирана за најава на Неделата на јапонски филм, неговата екселенција амбасадорот Оцука Казуја ги потсети присутните дека следната година се слави 30 годишнината од дипломатските односи помеѓу Јапонија и Северна Македонија и дека ќе се случуваат многу културни настани. На крајот од неговото обраќање тој потсети за отворениот конкурс за финансиска поддршка на Јапонската фондација.
„Влезот за сите проекции е бесплатен, а сите проекции ќе започнуваат од 20 часот. Резервациите ќе треба да се подигнуваат 30 минути пред почетокот на проекцијата“, нагласи Владимир Ангелов, директорот на Кинотека на Р.М. Соопштувајќи ја програмата, тој потенцираше дека играниот филм „Макуко“ во режија на Кеико Цуруока е негов фаворит. Главниот јунак, Сатоши, е ученик во 5 -то одделение од основното училиште, кој живее во едно јапонско гратче каде сите се познаваат. Филмот е приказна за стравот од растење, стравот од влегување во комплицираниот и контрадикторен свет на возрасните. Ова е еден од филмовите кои ја изненадуваат публиката и нејзиниот хоризонт на очекување бидејќи жанровски е една невообичаена комбинација на приказна за растење и научна фантастика која одлично функционира.
„Макуко“ е филмот кој ќе ја затвори Неделата на јапонски филм, а во текот на неделата публиката ќе има можност да ги погледне и филмовите:
07.11.2023, 20:00
„Филмските лажговци од Асахи-за“ во режија на Јуки Танада, една од најпродуктивните и најуспешни женси режисерки во Јапонија. Филмот е уникатен експеримент и претставува мултимедијалана приказна за млада жена која решава да помогне во оживување на 100 – годишниното кино во еден мал град.
06.11.2023, 20:00
„Осаменото Уме дрво“ е вториот филм на Котаро Виџима. Тоа е човечка драма за борбата на мајката и нејзиниот аутистичен син за својата независност во однос на зедницата во која живеат. режисерот со голема чувствителност и нишка на хумор ја доловува силата и виталноста на мајката и синот, притоа не бегајќи од проблемите, предрасудите и конфликтите со кои се соочуваат обесправените луѓе и нивните семејства во Јапонија.
04.11.2023, 20:00
„Долгото збогување“ е последниот филм на Рјота Накано, еден од најеминентните претставници на новата генерација на јапонски филмаџии. Во неговите филмови тој најчесто се интересира за смртта, со посебен фокус на семејството и предизвиците што таа ги носи за нив.
Овој филм се издвојува по тоа што семејството не го претставува како токсична средина, што е вообичаениот тренд во современа јапонска кинематографија, туку го прикажува во позитивно светло.
За крај и амбасадорот на Јапонија и директорот на Кинотека повикаа да се придружат сите на уште една возбудлива недела каде што ќе имаат можност да ја доживеат јапонската култура преку магијата на филмовите.
04.11.2023, 20:00
🎬 ДОЛГОТО ЗБОГУМ (Nagai owakare/A Long Goodbye)