Не сум веќе убава

Има еден роман за кој често зборувам во последно време. „Во понеделник ќе нè сакаат“ од шпанско-мароканската авторка Наџат ел Хачми ме прогонува секогаш кога ја слушам „Не сум веќе убава” oд Бернајс. Главната протагонистка, чие семејство емигрира од Мароко во предградие близу Барселона, расте борејќи се против патријархатот и нормите на заедницата кои ја гушат. Протагонистката, помеѓу сите тешкотии со кои се соочува, прави редовни списоци како од понеделник ќе изгледа послабо, поубаво, притисната од нереалните стандарди на малата заедница каде живее. Ова е дефинитивно книга која боли и мора да се прочита.

Во мојата глава и јас како и протагонистката, од понеделник ќе немам акни, ќе имам совршено мазна кожа и соодветна тежина. Можеби тогаш вистински ќе бидам во ред. Го кажувам ова како фраза која сум ја слушнала и употребила безброј пати досега. Не сум сигурна дали сум ова јас или главниот лик од романот, ниту колку пати ова сум го слушнала околу себе. И што всушност значи тоа дека тогаш ќе бидам во ред? Живееме една последица од бингото на капитализмот и патријархатот. Овој стадиум сега е само крик на многу ранливи тела и воопшто луѓе уморни од овие нереални општествени очекувања, кои константно слушаат за ,,грижа за себе”, ,,внатрешна убавина која се рефлектира однадвор” и многу други вакви фрази.

Таа нега во капитализмот има сосема нова димензија која многу од нас во суштина ниту можеме да си ја дозволиме, а ниту ја чувствуваме како реална. Самиот термин ,,грижа за себе” е во криза, затоа што е условен од економските фактори околу нас. Во контекст на маркетингот  и конзумеризмот нема да ме натера да заборавам колку тешко се стигнува до редовна психолошка помош во државни установи на пример, а ја бараат жените во менопауза на кои им е дополнително потребна. Ниту пак дека доколку една млада девојка или маж сака да направи испитувања за проверка на здравјето, треба да планира и одвојува посебен буџет, кој стои под знак прашалник, зошто најчесто мора да се посегне по приватно здравство за тоа да биде брзо и ефективно. Еве, луѓето сакаат да се грижат за себе, сакаат да преземат нешто за себе, ама не се во можност, не по нивна вина. И што правиме сега?

Телата ни се почувствителни и поранливи од кога било, затоа што повеќе од кога било се подложни и на судови, норми и стандарди. Јасно ни е, сите сакаме да се чувствуваме подобро, само како да се направи тоа кога основни услови за некаква благосостојба едвај се исполнуваат во државава? Не може да се избегне фактот дека капитализмот успешно игра и на ова поле во нашите животи, па секогаш кога сме си потребни нè потсетува дека малку работи се можни без банкноти. Не мислејќи притоа на купки, фини продукти за убавина или масажи, кои како работници и луѓе кои преживуваат секојдневно тешко се замислуваат воопшто, туку за здравствени предгледи, лекови, третмани. Значи, зборуваме за основи во поглед на тоа да се чувствуваме океј во нашите тела. Ме разбеснува затоа што излегува токму така, не може да биде понечовечно.

Почетната грижа за телото веќе е  луксуз, заштеда која треба да се создава и планира. Сè друго, за огромна група на луѓе е недостижно, категорија која не ни може да се замисли, разбирливо. Ако немаш услови да го изведеш тоа планирање, позајмуваш. Ако не можеш, со среќа, никому не му е грижа. Не ни стигнуваш до козметичките салони и подалеку. Пробувам да најдам некој збор што ќе го долови очајот од тоа до каде е дојдена работата, ама го немам. Затоа и секојпат кога се зборува за грижа за себе ме фаќа повеќе тага одошто некаква инспирација и мотивација.

Многу сме уморни, а богами и нашите тела, данокот на притисокот се одразува токму во тој прекин на поврзувањето на телесноста и околината, што во суштина е општествено прашање кое е многу важно. Ја имав среќата како девојка која се соочувала со куп предизвици, да имам поддршка во секоја смисла, ама сè уште се борам и сè уште ми е тешко кога ќе застанам пред огледало да не си кажам на себе: не сум веќе убава, не се грижам за себе на сите невозможни начини како што налага конзумеризмот. Одново запаѓам во овој судир на значењето на негата за себе и можностите. Борбата да се видиш самиот преку овие капиталистички механизми и она што ти е навистина потребно е една многу комплицирана битка која се води секој ден. Тоа е битка за самите себе, тоа е битка против овој систем. Се надевам искрено дека ќе почнеме поактивно да ја водиме.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни