„Не може да ја издржи жештината“: Стравувања дека некогаш „стабилниот“ глечер Перито Морено е во неповратен пад

„Не може да ја издржи на жештината“: Стравувања дека некогаш „стабилниот“ глечер Перито Морено е во неповратен пад

Во изминатите седум години, овој глечер изгубил површина од 1,92 km², а неговата дебелина се намалува за до 8 метри годишно. Драматичните одрони, при кои огромни маси мраз паѓаат во езерото Лаго Аргентино, досега беа природен спектакл што привлекуваше милиони туристи во Патагонија. Но, зад оваа величествена појава сега се крие еколошка закана.

Од иконска стабилност до драматичен пресврт

Д-р Лукас Руиз, глечеролог од Аргентинскиот институт за нивологија и животна средина, вели дека Перито Морено отсекогаш бил исклучок. „Овој глечер беше уникатен – уште од крајот на 19 век, истражувачите забележале дека не се повлекува, туку напредува. Тоа траеше сè до 2018 година, кога почна да се менува неговото однесување. Оттогаш, загубата на маса станува сè побрза.“

Критичниот момент настанал во 2022 година, кога глечерот за првпат не се вратил во положбата од претходната година. Истото се повторило во 2023, 2024 и сега во 2025 година. „Точно е – повлекувањето продолжува, особено по северната страна, која е најоддалечена од туристичките патеки и лежи над најдлабокиот дел од Лаго Аргентино,“ вели Руиз.

Топлината го надвладеа мразот

Во летото 2023/24, според метеоролошките мерења на научниот центар Glaciarium, максималната температура достигнала 11,2°C. За три децении, просечната летна температура се зголемила за 1,2°C – доволно за значително забрзување на топењето.

Меѓу 2018 и 2022, глечерот губел по 4 метри дебелина годишно. Сега – веќе 8 метри годишно. Според Руиз, глечерот веќе не е „усогласен“ со климата: „Премногу е голем. Не може да ја издржи топлината, а количината на нов мраз не е доволна за да го одржи.“

Некогашниот мраз, кој со својата маса лежел врз езерското дно, сега толку се истенчил што почнал да плови – што значи дека глечерот го губи својот „сидро“. Без тој природен отпор, неговиот преден дел почнува да се лизга, деформира и се урива. Овој процес активира повратна спрега што дополнително го забрзува уништувањето – и можеби е неповратна.

Одрони – поголеми, почести, поопасни

Професорот Ксабиер Бланш Горис, од Техничкиот универзитет во Каталонија, кој ги проучува одроните од глечерот, вели: „Опишувањето на состојбата како неповратна е сложено, бидејќи глечерите се динамични системи. Но, вистината е дека сегашната брзина на повлекување укажува на јасен негативен тренд.“

Одроните на мраз во последниве години се не само почести, туку и се погласни и многу поголеми. Во април, еден туристички водич во Националниот парк „Лос Гласиарес“ сведочел како кула од мраз висока колку зграда од 20 ката се урнала во езерото. „Овакви санти мраз почнавме да гледаме само во последните 4 до 6 години,“ рече тој.

Во јануари 2025 година, тимот на Бланш Горис поставил осум фотограметриски системи кои секои 30 минути создаваат 3D модели од 300 метри од предниот дел на глечерот. Споредбите од декември до јуни покажуваат значително повлекување на мразот, што дополнително се потврдува и со сателитски снимки – драматични промени во само 100 дена.

Можно катастрофално повлекување

Научниците сега стравуваат дека Перито Морено наскоро ќе ја загуби врската со полуостровот Магеланес, кој досега делувал како природен потпор и го стабилизирал глечерот. „Кога тоа ќе се случи, ќе сведочиме на катастрофално повлекување до нова рамнотежна позиција, многу подалеку во тесната долина“, вели Руиз.

Тоа би значело целосно нова конфигурација на глечерот – нешто што дури ни првите истражувачи во 19 век не го забележале. Колку долго ќе се задржи во таа нова позиција е непознато. Но, за разлика од полуостровот, долината нема да може да го задржи на место.

Од симбол на стабилност до жртва на глобалното затоплување

Перито Морено, најпознатиот глечер во Латинска Америка и дел од светското наследство на УНЕСКО од 1981 година, сега го следи истото тажно сценарио како и соседните глечери Упсала и Виедма, кои за само две децении се повлекле со зачудувачка брзина.

Глечерот, кој некогаш ѝ пркосеше на климатските промени, денес сведочи за нивната сила. Како што рече д-р Руиз:
„Човештвото ја копа гробницата на светските глечери.“

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни