Научниците предвидоа колапс на општеството во 2040 година – Дали сме на тој пат?

Во 1972 година, научници од реномираниот Масачусетски институт за технологија (MIT) објавија студија со наслов „Граници на растот“ – резултат на проект финансиран од Club of Rome, глобална организација составена од научници, економисти и политичари загрижени за одржливоста на економскиот и демографскиот раст.

Автори на студијата се Донела Медоуз, Денис Медоуз, Јорген Рандерс и Вилијам Беренс III. Тие користеа револуционерен компјутерски модел за тоа време, наречен World3, за да симулираат како ќе се развиваат и меѓусебно ќе влијаат популацијата, индустријата, потрошувачката на ресурси и загадувањето до 2100 година.

Клучното (и најзагрижувачко) сценарио: „Бизнис како и обично“

Моделот прикажа неколку можни идни сценарија, зависно од тоа дали човештвото ќе преземе мерки за ограничување на растот. Најпознатото сценарио, наречено „business as usual“ (бизнис како и обично), предвидува дека ако продолжи експоненцијалниот раст без значителни промени во политиките и однесувањето, човештвото ќе се соочи со колапс помеѓу 2030 и 2050 година – најверојатно околу 2040 година.

Како функционира World3?

World3 е модел кој симулира пет критични фактори: раст на населението, индустријализација, загадување, производство на храна и потрошувачка на необновливи ресурси. Комбинирајќи ги овие податоци, моделот предвидува дека во отсуство на сериозни промени, човештвото се движи кон неминовен колапс.

Што предвидуваше студијата?

  1. Исцрпување на ресурсите – прекумерна експлоатација на фосилни горива и минерали ќе го намали индустриското производство и економскиот раст.
  2. Прекумерно загадување – штетните емисии водат до климатски промени и здравствени проблеми.
  3. Пренаселеност – растот на населението го оптоварува природниот систем и инфраструктурата.
  4. Намалено производство на храна – деградација на земјиштето, климатските промени и губење на биодиверзитетот може да доведат до недостиг на храна.

Од исмејување до признание

Во 1970-тите, многу економисти и медиуми ја критикуваа студијата, нарекувајќи ја „катастрофичарска“ и премногу поедноставена. Еден од најгласните критичари беше економистот Џулијан Сајмон, кој тврдеше дека идејата за „ресурс“ е променлива и зависи од човечката иновација.

Но, со текот на времето, многу независни анализи покажаа дека предвидувањата од „Граници на растот“ се запрепастувачки точни:

  • Во 1992 излезе продолжението „Beyond the Limits“.
  • Во 2004, „Limits to Growth: The 30-Year Update“ покажа дека светот се движи според најлошото сценарио – BAU.
  • Во 2020, Гаја Херингтон од консултантската куќа KPMG покажа дека вистинските податоци и понатаму го следат моделот.
  • Во 2023, германскиот научник Арјуна Небел го ажурираше моделот со податоци до 2022 – и повторно доби слични резултати.
  • Во 2024, MIT и LADbible направија независна анализа што повторно потврди колапс до 2040 ако не дојде до голема промена.

Но дали е тоа „судбина“?

Проф. Ведрана Прибичевиќ од Загрепската школа за економија и менаџмент посочува дека моделот World3 е детерминистички, не предвидува шокови и не зема предвид иновации, адаптации или пазарни механизми.

Таа вели дека моделот треба да се сфати како предупредување, а не како пророштво.


Иако светот не мора нужно да заврши во колапс, „Граници на растот“ останува едно од најважните предупредувања за човештвото. Од нашите избори денес зависи дали ќе го смениме курсот или ќе продолжиме „бизнис како и обично“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни