Претставата „Чекајќи го лекарот“ на Театарот од Лесковац, Србија е најдобра на 26. МТФ „Денови на комедија“ – Куманово. На свеченото доделување синоќа во Центарот за култура, им беа врачени наградите на сите лауреати. За најдобар режисер е прогласен Дамјан Тенев за „Седумте стола“ на театарот од Ловеч, Бугарија.
Најдобра актерка е Наталија Теодосиева за улогата во „Илуминати“ на Театар Комедија од Скопје, а актер – Александар Степанулески – за „Кафез кај кокони“, на Драмски. За истата претстава, актерот Бранко Атанасов доби награда за споредна улога, а Раде Василев и Елена Вангеловска – за костимографија.
За сценографија е наградена Радостина Тодорова за бугарската „Седумте стола“.
За наградите одлучуваше жирито во состав: Магдалена Ризова Черних, претседател, Драгана Гунин, Кети Пауновска Стевковска, Петар Андоновски и Стефан Јакимовски, членови.