Настанот ќе се фокусира на трансформацијата на стари индустриски комплекси, реискористување и вреднување на постоечките квалитети, како и генерирање на културна инфраструктура.
Целта на настанот е информирање на јавноста за процесите што стојат зад ваквите проекти, како и запознавање со капацитетите на објектот „Механика“, каде во моментов се работи на проект за реконструкција, адаптација и пренамена во простор со јавни програми. Предавачи на настанот ќе бидат два реномирани архитекти: Штефан Медер од Mäder+Mächler Architekten од Цирих, кој ќе презентира примери на трансформација на индустриски простори како што е „Sulzer-Areal“ во Винтертур, Швајцарија, и Бјорн Римнер од EM2N Architekten, кој ќе зборува за адаптацијата и реупотребата на големи индустриски комплекси, на примерот на „Toni-Areal“ во Цирих.

Во склоп на настанот, ќе се организира изложба со 3Д физички модел и графички материјали од халата, како и изложба на проектот ФАБ-ЛАБ на професорот Горан Мицковски од Архитектонскиот факултет Скопје. Овој проект вклучува графички материјал и 3Д модели на 20 природно осветлени фабрики во Македонија.
Како дополнителен дел на програмата, по завршувањето на предавањата, ќе се одржи поп-ап бар од Котур/Мис Стон/Вело кафе, а вечерта ќе заврши со музички перформанс во живо на артистот Александар Гроздановски-Херцел (HRZL-live/ herzel-DJ).
Настанот е организиран во соработка со АД Гранит и со финансиска поддршка од „Swiss Agency for Development and Support SDC“, а поддржан е од европската иницијатива HouseEurope.
Проектите за обновување и адаптација на индустриски хали, какви што се оние во „Механика“, претставуваат важен дел од процесот на трансформација на градските простори, што ги прави ваквите иницијативи клучни за понатамошен развој на културната и јавната инфраструктура.