Наследството на Богдан Несторовиќ – зградата на Народна банка во Битола која и денес го освежува градскиот пејзаж!

Објектот на битолската поранешна „Народна банка“ со одлики од битолското профано градежништво е проектиран во 1930 година, а изведен во 1932 година. Ако се има предвид дека ги задржал и најпозитивните одлики на тоа градежништво, дека негов автор е и еден од најпознатите архитекти на своето време, Богдан Несторовиќ, кој ги проектирал и скопската „Народна банка“, денешното „Народно собрание“ и други објекти од посебно значење, тогаш е јасно зошто битолскиот објект остана да важи за еден од најубавите на просторите од поранешна Југославија. За градежен изведувач бил ангажиран докажан стручњак, битолчанецот Григорие Ташковиќ.

Зградата на Народна банка во поширок контекст на градот

Богдан Несторовиќ (28 април 1901 во Белград — 28 декември 1975 во Белград), српски архитект кој дипломирал на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Белград во 1923 година. По дипломирањето бил на усовршување две години на Школата за фини уметности во Париз (1923-1925). Се вработил во архитектонското биро „Архитект“, каде што останал на работа до 1930 година. Од 1930 година до пензионирањето бил наставник на Архитектонскиот факултет во Белград, каде што го предавал предметот „Проектирање на станбени згради и науката за стиловите“. Оставил обемни научно-истражувачки трудови, посебно во областа на историјата на архитектурата и домувањето. Се јавува и како автор на поголем број станбени и општествени објекти.

Историска фотографија

Во архитектонското обликување Несторовиќ посебно ги ценел културно – историските споменици од непосредната околина на градот, игнорирајќи да врши копија, а кои биле во неокласичен дух, па својата инспирација ја гледал и во актуелната уметничка сецесија на своето време, прифаќајќи го стилот на академизмот.

Резултат на таквата определба го гледаме и денес и покрај тоа што намената на објектот е променет. Објектот требало да биде изграден со визбени простории, приземје, кат и поткровје.  Приземјето требало да биде исклучиво за банкарска дејност, катот со посебен влез за станбени простории и со посебен дел за апартман за директорот, поткровјето за очекуваната богата банкарска архива, а визбените простории да служат за разни потреби и за изведба на посебна топлинска инсталација.

Целиот простор архитектот го обградил со ѕидана ограда од бетонски ѕидови во висина од околу еден метар, надвишени со проѕирна ограда од ковано железо, а на еден агол изградена била и стражарница. Главниот влез е од страната на кејот на реката Драгор, назначен со три високи столбови со полукружни ареи, над кои е изграден балкон кој се користи од свечената просторија на катот.

Извор: Градителите во Македонија XVIII-XX век, Георги Константиновски

Столбовите се изведни од армиран бетон со капители, инспирирани од локалната традиција, но и со автентични елементи изведни во посебни шаблони. Со голема смисла и чувство за детали на второстепената пластика креирани се и стаклените отвори и прозорците на главниот и споредниот влез, со детали кои инспирираат со своите форми. Артикулацијата на основните маси по вертикала и хоризонтала се урамнотежени, дополнети со стилски елементи кои носат историски и социјални наследства и го заокружуваат вкупниот впечаток.

Денес објектот претставува седиште на Бугарскиот конзулат.

Фотографии од денешна состојба >>>

Автор на статија: Martina Shteriova

Преземено од МАРХ: https://marh.mk/narodna-banka-bitola-bogdan-nestorovikj/

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни