На иницијатива на примабалерината и ѕвезда на Париската опера, Роксан Стојанов, Танц фест Скопје и Францускиот институт во Скопје ја воспоставуваат наградата „Роксан Стојанов“, наменета за охрабрување и развој на младите балетски уметници во Македонија. Оваа нова иницијатива има за цел да отвори врати кон европската сцена за новата генерација таленти и да обезбеди простор за професионален раст и меѓународно поврзување.
Наградата ќе биде доделена во рамките на специјален натпревар што го организира Културниот центар „Интерарт“ во соработка со Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје. На конкурсот ќе можат да аплицираат млади балетски уметници на возраст од 16 до 20 години, кои во текот на есента 2025 година ќе поднесат свои кандидатури. Селекцијата ќе се спроведе според прецизни уметнички и технички критериуми, а избраните кандидати ќе подготват специјална програма што ќе ја изведат во живо пред меѓународно жири во рамките на Скопје Танц Фест, што ќе се одржи од 15 до 20 април 2026.
Победникот ќе добие уникатна можност – еднонеделен престој во Париз под менторство на Роксан Стојанов, што ќе вклучува часови, професионални средби и директно запознавање со светот на големите балетски сцени. Покрај тоа, ќе биде формиран и Почесен одбор кој ќе ја поддржува иницијативата и ќе придонесе за нејзино ширење на регионално ниво, со цел поттикнување на младинската балетска сцена на Балканот.
Роксан Стојанов е извонредна уметница со меѓународна кариера која започнала во Скопје и продолжила низ европските балетски школи, вклучувајќи ја и престижната Школа на Париската опера. Во декември 2024 година, таа стана првата балерина од македонско потекло која ја добила титулата „Ѕвезда на Париската опера“. Во април 2025 година ја освои и Наградата „Менада“ за извонредни достигнувања во областа на танцот на 21-то издание на Танц Фест Скопје. Денес, нејзиниот репертоар опфаќа врвни улоги од класичниот и современиот балет, а нејзините настапи со Париската опера ја однеле на најголемите сцени во Европа, Америка, Кина и Јапонија.
Наградата „Роксан Стојанов“ претставува силен чекор кон поддршка на младите македонски таленти и нивно интегрирање во меѓународниот балетски екосистем – иницијатива што може да стане нова традиција и двигател на идните генерации уметници.