Разговор со Надица Фирфова, уредник во Арс Ламина

Надица Фирфова: Им се извинувам на младите што им го оставаме Скопје без простор за живот!

Да ѝ беше Агата Кристи современичка, верува дека одлично би се согласувале, но нејзината неостварена уредничка желба е да работи со делата на Борис Акунин. Најмногу ѝм се восхитува на хероините од Народноослободителната борба, со кои се запознала низ страниците на книгата Се викам Храброст, чиј уредник беше токму таа. А покрај љубовта кон книгите, нејзина голема страст е и рок музиката – но за тоа, и за многу други нешта, прочитајте подолу.

Дури и пред да започне интервјуто, Надица Фирфова веќе беше во својот уреднички елемент – ги дотеруваше прашањата, со прецизноста и посветеноста што ја карактеризираат во нејзината работа. Како искусен уредник и приредувач, таа внимателно бира кои приказни ќе стигнат до читателите, но и кои приказни сè уште недостигаат – според неа, во литературата за деца има премалку книги што зборуваат за добрината, почитта и љубезноста.

Трн: Дали имаш некоја лична животна философија или правила што ги применуваш во твоето професионално работење?

Надица: Кога станува збор за професионалното работење, моите правила се едноставни. Тие се всушност истите начела од кои се раководам и во животот: чесна работа, посветеност,  трпение и истрајност. Но, бидејќи живееме во динамично време, со брз ритам на денот и голем број секојдневни работни и секакви други предизвици, понекогаш ми се случува да почувствувам како да се „расплетува плетивото“, но на крајот некако успевам да ги „пофатам конците“. Всушност, кога се извршуваат задачите треба многу внимание и фокус , па затоа и не верувам во она што се нарекува мултитаскинг. За еднa работа да се заврши високопрофесионално и темелно потребно е да се одвои квалитетно и посветено време, па тогаш чувствувам и најголемо задоволство од сработеното.

Трн: Ако Агата Кристи беше твој  современик и ја уредуваше нејзината книга, дали мислиш дека ќе се согласуваше со твоите уреднички одлуки или ќе беше тежок соговорник?

Надица: Мислам дека одлично ќе се согласувавме со Агата Кристи. Од сè она што сум прочитала за неа, пред сè нејзината „Автобиографија“, којашто ја работев и како уредник,  и неодамна прочитаната книга за неа од мојата омилена историчарка Луси Ворсли, како и самото творештво на Агата Кристи, можам да кажам дека ја доживувам како извонредно интересна, духовита и модерна личност (за своето време). Таа била жена со авантуристички дух, жена која уште во тоа време сурфала на штица на Хаваите, обожавала автомобили, имала свој „морис каули“, а била и мошне заинтригирана од појавата на една нова наука – психологијата. Кога биле објавени нејзините први дела и тие биле возбудливо модерни во тоа време, па веднаш ја привлекле читателската публика. Исто како што привлекуваат и ден-денес нови генерации читатели низ целиот свет, еве, цел век подоцна. Агата Кристи ја сметам за своевиден книжевен феномен и знам со сигурност дека ќе ми беше многу интересно да соработувам со неа доколку бевме современички. Но, иако не сме, сепак имав една значајна соработка „со неа“. Се работи за создавањето едиција од 12 преводни наслови од Агата Кристи во издание на Арс Ламина−публикации, мојата матична издавачка куќа. Ова беше проект во кој навистина уживав како уредник, иако беше навистина обемна и мошне одговорна задача.

Трн: Во книгата „Се викам Храброст“ се претставени 50 успешни жени од нашата историја. Како изгледаше процесот на селекција – кои приказни те трогнаа најмногу?

Надица: „Се викам Храброст“ е издание на кое сме горди како издавачи, од идеја до реализација, но иако јас сум приредувач, сакам да истакнам дека во процесот на создавањето на книгата се работеше тимски, во рамки на нашата редакција, па и селекцијата на имињата ја направивме заедно. Пред сè, ни беше важно да опфатиме повеќе области и да ги пронајдеме оние женски личности чии животни приказни ќе бидат доволно интересни и инспиративни за помладата генерација девојчиња. А секако од голема важност беше и достапноста на материјали врз основа на кои ги создававме текстовите и графичкото обликување.

Мене лично, најмногу ме трогнаа приказните на нашите хероини од НОБ. Иако за нив сме учеле и на училиште, кога сега повторно им се навраќав, чувствував огромна почит и благодарност. Замислете си за миг како изгледало за тие млади девојки, полни со соништа и надежи, да решат беспоштедно да влезат во битка со непријателот, неизвесно дали од таа битка ќе излезат живи? Замислете колкава храброст е потребна да се стави идеалот за слобода над сопстевниот живот. Нема ништо повосхитувачки од тоа.   

Трн: Кои женски приказни од македонската историја ти недостасуваат во јавниот дискурс? Кои имиња треба почесто да ги спомнуваме?

Надица: Има повеќе имиња кои го задолжиле нашето општество со своите лик и дело, но не би рекла дека се сосема заборавени. Многу ме радува кога ќе видам документарни емисии за овие наши женски личности или куси информативни форми што може да се најдат низ интернет просторот, а еве сега се појави и ова наше издание, како потсетник дека имаме силни женски личности за кои треба да се зборува, а со тоа и да се гради свеста и националното чувство на гордост, особено кај младите. Секако дека треба да се истражуваат и некои помалку познати историски личности за да ги запознае јавноста. На ова тема мислам дека е мошне значаен и трудот на Славчо Ковиловски „Жени во македонската книжевност од XIX век“.

Трн:Дали имаше чувство на одговорност кога селектираше кои приказни ќе бидат раскажани?

Надица: Да, апсолутно. Како што спомнав погоре, процесот на селекција на имињата во ова издание го направивме заеднички во редакцијата, а секако дека чувствувавме одговорност. Меѓу другото, се раководевме и од она нешто што ги обединува сите овие различни приказни, па така се роди и името на книгата. Разгледувајќи ги сите овие женски личности, храброста се издвои како особина што е заедничка за сите нив. Без оглед на областа во која се афирмирале и докажале, заклучивме дека сите поседувале или поседуваат еден вид пркос и бестрашност, борејќи се да се издвојат од околината и со многу вложен труд и самопожртвување да постигнат успеси. На некој начин, токму тоа е и пораката на изданието – соништата не се исполнуваат без вложен труд. И дека нема поголема награда од стекнувањето чувство за самопочит по постигнат успех со сопствен труд.

Трн: Како координатор на соработката со издавачките куќи за учебници по странски јазици, дали имаш влијание за она што ќе се понуди во наставата?

Надица: Да, точно, еден дел од моите работни обврски е и постојаната соработка со неколку врвни издавачки куќи за учебници по странски јазици. Јас имам секојдневна комуникација со колеги од Велика Британија, Германија, Франција, Италија итн., и на тој начин сум постојано во тек со сите новитети во учебникарството. Тука се работи за етаблирани куќи и авторски тимови кои постојано работат на унапредување на материјалите за изучување странски јазици и продуцирање современи учебници збогатени со дигитални компоненти и мноштво ресурси за наставниците. Мојата улога е соодветно да ги пренесам информациите за сето ова на нашиот пазар, да организирам обуки и презентации за учебниците. Со помош колегите локално тука и тимот на издавачот од странство, постојано давам поддршка на севкупниот наставниот процес, па среќна сум кога изборот на професорот ќе биде токму некој од овие понудени наслови, а уште посреќна сум кога добивам позитивна повратна информација дека со дадениот учебник се постигнати одлични резултати, што е од најголема важност за наставата.

Трн: Кој е најголемиот успех во твојата уредувачка кариера? А што е најголемиот „неуспех“, нешто за што сè уште жалиш?

Надица: Како уредник во издавачка куќа работам многу долго време, речиси сиот мој работен век. Потпишана сум на мноштво изданија, од детска литература до белетристика, биографии, енциклопедии, стручни изданија итн. За мене е најголем успех кога овие изданија ќе стигнат во рацете на читателите и им предизвикаат чувство на задоволство читајќи го делото или кога врз основа на прочитаното научиле нешто ново. И обратно, за неуспех би го сметала моментот доколку некоја книга што сум ја работела сè уште стои на полиците во книжарниците и чека некој да ја купи и прочита.

Трн: Ако имаш можност да се извиниш некому, кој би бил тој, таа и зошто?

Надица: Вон контекст на издаваштвото, а во контекст на урбаното живеење, моето извинување би било за генерациите млади деца кои живеат во Скопје заради тоа што мојата генерација дозволивме речиси сосема да се уништи квалитетот на живеење во овој град, особено со дивеењето на градежните зафати. Мислам дека останува многу малку време и простор за да се спаси она што може од Скопје како би станал град каде сите ќе се чувствуваат удобно, а младите наместо да си одат, ќе сакаат да останат и тука да творат.  

Трн: Освен книги, сакаш и добар рок, ако не беше уредничка, ќе беше ли рокерка? Дали рокот го врзуваш со бунт и излегување од нестандардното?

Надица: Хаха, па не знам дали ќе станев рокерка, за тоа треба и музички талент. Но, да, рок музиката и концертите се нешто што ми се допаѓа, како и дружбите со моите другарки и драги луѓе. Како и кај изборот на книги, така и во музиката секој човек преферира жанр што го чувствува близок до себе. Рок музиката е поврзана со бунт, но иако не се доживувам како особено бунтовна, имам нагласено чувство за правдина .

Трн: Дали некогаш си пуштила книга во печат, а подоцна си сфатила дека има нешто што не си го поправила, и ти се „стегнало срцето“ кога си ја отворила финалната верзија?

Надица: Секојпат кога пуштам книга за печат ми се „стега срцето“, и покрај темелната работа. Секогаш е можно да се се провлече некоја печатна грешка затоа што кога долго време сте со некој текст, колку пати и да го препрочитувате, може да се случи еден феномен што се нарекува „коректорско слепило“. Едноставно гледате во текстот, но не ја забележувате грешката. А Затоа е и огромна одговорноста, осоебно ако се печати поголем тираж од делото (500, 1000 примероци или повеќе). Но, шансите за грешки се намалуваат доколку се испочитуваат сите фази од подготовката на едно издание за печат. Тука се работи за процес во повеќе чекори, а уредникот е лицето одговорно за секој од тие чекори. Од првото читање на ракописот (или преводот на едно дело) и внесување на сите интервенции што мора да се направат за да се прочисти текстот, до координација со авторот или преведувачот, лекторот, графичкиот уредник, илустраторот и ред други административни работи, па сè до печатницата, а потоа и активности околу промоција на делото, се разбира во соработка со тимот за маркетинг. 

Трн: Кога размислуваш за иднината на литературата во Македонија, кои автори и теми сметаш дека ќе бидат важни за новите генерации?

Надица: Она што ми се допаѓа е дека има авторски потенцијал кај нас. Кај нас во редакцијата постојано пристигнуваат предлог-ракописи за објавување, а наша задача е да ги прегледаме сите тие ракописи и да процениме кој од нив вреди да се преточи во книга. Ова е важна и одговорна задача бидејќи така наметнуваме теми во општеството и на некој начин влијаеме и на формирање на мислењето кај читателите. Со оглед на тоа што светот врие, па постојано се чувствува некаква тензија меѓу луѓето и младите, би сакала да се појават повеќе изданија, пред сè во доменот на детската литература, што ќе зборуваат за љубезност, добрина, меѓусебно помагање и почит.

Трн: На крај – која книга би сакала да ја уредуваш, а сè уште не си добила прилика? Твојот „сон“ во уредништвото?Top of Form

Bottom of Form

Надица: Имам една неостварена желба, а тоа е уредувам македонски превод на творештвото на Борис Акунин и неговиот циклус изданија за Ераст Фандорин. Но, мојот „сон“ во уредништвото, или издаваштвото,  е книгите што ги објавуваме да добијат што поголема читателска публика, особено меѓу децата. Сведоци сме дека дека во денешно време, генерално, книгите не им се толку привлечни како што им се видео игрите и социјалните мрежи, но не смееме да заборавиме дека од исклучителна важност за развојот на мозокот, со научно поткрепени докази, е токму читањето и треба да ја вратиме оваа навика кај децата.

Фотографии: Ангел Ангеловски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни