Наша гордост, наша одговорност

Убавините на Националниот парк Маврово

Националниот парк е дом на 1,435 растенија од кои дури 404 видови и подвидови се вклучени во категоријата на лековити растенија. Паркот има 13 видови ендемски и 29 ретки видови на растенија. Една од особените карактеристики на паркот е и богатството со дивеч на целата територија. Маврово ја има единствена стабилна популација на рис во Европа.

Помеѓу планинските масиви на Кораб, Дешат, југозападните ограноци на Шар Планина, Бистра и северните делови на Крчин, во долината и сливот на реката Радика, се наоѓа Националниот парк Маврово, распослан на површина од речиси 73.548 хектари. За прв пат е прогласен за Национален парк во 1949 година, тогаш на површина од 11.750 Хектари, за да во 1952 година ги добие денешните граници.

Во границите на Националниот парк Маврово се наоѓаат преку 52 планински врвови со надморска висина од над 2.000 метри од кои попознати се врвот Меденица на планината Бистра, Веливар, Сандакташ и други. Посебно значење за националниот парк Маврово има врвот Голем Кораб кој е воедно и највисок врв во Македонија, а со тоа и највисока точка на паркот. Најниската точка на Националниот парк Маврово се наоѓа на местото каде што Мала Река се влева во реката Радика. Особените карактеристики на Националниот парк се пејсажните вредности, растителниот и животински свет и планинскиот туризам.

-Имаме силно развиен релјеф во однос на геоморфолошките форми. Тоа се високи врвови. Кораб да го потенцираме како еден од важните подрачја или највисок врв во нашата држава. Тука е пред се Голем Кораб со висина од 2.760 метри. Ќе го споменам кањонот на Длабока Река, Барич, одредени мали сегменти на водотеците на Радика, на Рибничка река каде се формираат силно изразени геоморфолошки форми, една од особеностите по кои е карактеристичен паркот – вели за Трн Томо Ѓорѓески, од Националниот Парк Маврово.

Томо Ѓорѓески

Националниот парк е дом на 1,435 растенија од кои дури 404 видови и подвидови се вклучени во категоријата на лековити растенија.

Паркот има 13 видови ендемски и 29 ретки видови на раститенија.

Фауната на Националниот парк Маврово се состои од 140 видови птици, од кои, позначајни се: сивиот сокол, орелот крстач, суриот (златен) орел, шумскиот ут, големиот був, ливадската еја, степската еја, како и 11 видови водоземци, 12 видови на влекачи и 39 видови цицачи. Од цицачите најмногу ги има мечките, дивата коза, дивата мачка и секако рисот.

-Една од особените карактеристики на Маврово е и богатството со дивеч на територијата на паркот. Имаме единствена стабилна популација на рис во Европа. Потоа природна популација на дива коза која е една од најбројните во Европа. Располагаме со бројка од 1.050 грла на различни позиции од територијата на паркот. Можеме да се пофалиме дека сме едно од подрачјата во државата и пошироко во Европа со многу стабилни популации и одржливост на видовите, од кои голем дел не постојат во останатите држави на Европа – вели Томо.

Во границите на Националниот парк покрај природните убавини има и развиен манастирски туризам. Доста посетени се манастирите и црквите, потоа хотелските капацитети со специјалитети специфични за нашиот регион и за нашата кујна. Најзначаен за туризмот е манастирот Св.Јован Бигорски, со неговиот длаборез карактеристичен за мијачкиот регион. Истакнати длаборесци од Гари, Лазарополе и од Тресонче учествувале долги години во изработката на иконостасот. Дрвениот иконостас кој што сеуште постои во Бигорски претставува гордост на Националниот парк како туристичка дестинација за посетување.

Она што останува како проблем е колку се грижиме и колку можеме да го зачуваме Националниот парк од уништување и од постојано загадување.

– Moрам да се пофалам и да ги пофалам граѓаните кои живеат на територијата на националниот парк Маврово, заради тоа што ние речиси и да немаме појава на бесправна сеча. Особено тоа е забележано во последниве 15 до 20 години. Имаме појава на диви депонии со кои делумно се имаме справено и за кои секогаш преземаме нови мерки. Имаме многу активности преземено во тој правец. Дел од нив затвораме како депонии, ги покриваме, меѓутоа веројатно ќе треба да се преземат поригорозни мерки за спречување, односно за решавање на овие закани од типот на загадување со фекалии, пуштање директно во водите на Мавровското езеро и притоките на езерото – вели Томо.

Тоше Динговски

Локалните жители на Националниот парк се особено горди на природните убавини, на културата и на традицијата на Маврово. На животинскиот и на растителниот свет што ги опкружува. Еден од нив е Тоше Динговски кој со години живее во Маврово. Убавината на Националниот парк, вели тој, луѓето ја виделе уште одамна и затоа ја заштитиле и прогласиле за Национален парк. Тој спој меѓу луѓето и природата, смета Тоше, мора да се организира, во прилог на тоа да не се уништува природата.

-Имаме култура да го почитуваме Националниот парк, да не го деградираме. Недоволна е нашата одговорност, треба да сме искрени. Сè уште има луѓе кои што загадуваат. Ќе дојдат и ќе остават непотребен отпад. Потребно е посетителот да си го собере тоа што ќе го остави зад себе, а не тоа да го прави за него некој друг. Само со лична одговорност се придонесува за заштита на природата.

Националниот парк не е институција која го заштитува само природното богатство, туку исто така постои и за да го развие туризмот и оваа убавина да се претстави на луѓето, и низ годините имаме сè повеќе посетители како од земјава така и странци- вели Тоше .

Националиот парк Маврово со сите убавини и сиот свој сјај е наша гордост, но и наша одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни