Светски ден на чистиот воздух и сините неба

Воздух- тоа што не одржува во живот или нè труе

Секоја година во ЕУ се случуваат 250.000 предвремени смртни случаи како последица на загаден воздух. Загадувањето на воздухот ја чини ЕУ 853 милијарди евра годишно, а глобалната економија неверојатни 8,1 трилиони американски долари секоја година што е 6,1 отсто од светскиот бруто домашен производ

Воздухот е нашиот прв контакт со светот. Она што го вдишуваме 12 пати во минута. Тоа што не одржува во живот или нè труе. На Светскиот ден на чистиот воздух, се потсетуваме дека 90 проценти од светската популација дише загаден воздух. Загадувањето на воздухот е најголемиот ризик за здравјето на животната средина на нашето време. Тоа, исто така, ги влошува климатските промени, предизвикува економски загуби и ја намалува земјоделската продуктивност. Секоја година во ЕУ се случуваат 250.000 предвремени смртни поврзани со загаден воздух. Загадувањето на воздухот ја чини ЕУ 853 милијарди евра годишно, а глобалната економија неверојатни 8,1 трилиони американски долари што е 6,1 отсто од светскиот бруто домашен производ. ЕУ со новите директиви, е на пат да го намали влијанието врз здравјето поради загадувањето на воздухот за 55% до 2030 година.

Македонија со децении дише токсичен воздух. Ние сме една од земјите кои се најпогодени од аерозагадувањето. Податоците покажуваат дека стапката на прерана смрт е повисока од европскиот просек. Во 2019 година, од вкупно 20.446 смртни случаи во Македонија, 3400 се сметаат дека се последица од аерозагадувањето.

Просечниот македонски граѓанин губи по 0,6 животни години поради загадувањето на воздухот со ПМ честички во земјата. Берово е единствената општина во Македонија каде животниот век не е скратен од аерозагадувањето. Скопските општини се налоши и најмногу влијаат на квалитетот на живот. 
Податоците кои ги објави организацијата Животен индекс на квалитет на воздухот (AQLI) покажуваат дека без почитување на препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за загадувањето на воздухот, секој човек во светот ќе губи просечно по 2,2 години од животот.
За особено критични за човечкото здравје се сметаат ПМ10 и ПМ2,5 честичките. Препораката на СЗО е дека првите не смеат да надминуваат вредност од 25 микрограми просечно на годишно ниво, додека вторите се ограничуваат на вредност од 10.

Во земјава, просечната количина на ПМ2,5 честички во воздухот е над 16, но во зимските месеци честопати знаат да надминат и 50.

Најзагадени се скопските општини Центар, Карпош и Бутел чии жители губат над 1 една година од животот во просек, поради загадувањето на воздухот. По бројките тука некаде се и жителите на Чучер Сандево, Велес, Куманово, Гази Баба, Ѓорче Петров, Чаир и Аеродром. Во речиси сите овие општини просечната концентрација на ПМ2,5 во воздухот на годишно ниво е околу или над 20 микрограми. На другата страна, како општини со најчист воздух, освен Берово, се и Конче, Пехчево, Ново Село и Дојран. 

Годините на силна индустријализација, урбанизација и уништување на шумите не доведоа во ера кога речиси и не можеме да го избегнеме воздухот полн со смртно опасни материи во високи концентрации.

Затоа Светскиот ден на чист воздух и сини неба има за цел да ја нагласи важноста за чистиот воздух за човековото здравје, животната средина и општата благосостојба.

Секоја година на 7-ми септември се испраќа порака за намалување на загадувањето на воздухот, забрзана примена на одржливите практики што би довело до чисти неба за нас и за идните генерации. Со проактивно справување со загадувањето на воздухот, можеме да постигнеме трансформативни промени и да обезбедиме здрав воздух за сите.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни