На шест од повредените од пожарот од Кочани им е направена трансплантација на кожа во Скопје

Десет пациенти повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани моментално се лекуваат на Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје. Според директорот на Клиниката, Небојша Настов, шестмина од нив се со изгореници од трет степен и веќе им е извршена трансплантација на кожа поради сериозноста на повредите.

Кај останатите четири пациенти се спроведува редовен медицински третман со преврски. Настов нагласи дека, според тековните планови, дел од пациентите би можеле да бидат пуштени на домашно лекување следната недела, но додаде дека состојбата е променлива и може да се влоши во секој момент.

„Во однос на актуелната здравствена состојба на пациентите од болницата од која што доаѓам, а тоа е Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје, во моментов се хоспитализирани 10 пациенти, од кои на шест е веќе направена трансплантација на кожа заради тоа што тие беа пациенти со највисок степен на изгореници, односно трет степен. Кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на наредната недела според плановите кои што ги имаме, иако морам да повторам дека ситуацијата е многу флуидна и може да се смени од час во час, се планираат првите испусти за дома“, изјави Настов.


За пациентите кои се лекуваат во странство, Настов рече дека нивната терапија ќе продолжи таму до одредена фаза, по што ќе бидат вратени во Македонија за дополнително лекување во локалните болници. За таа цел се подготвуваат протоколи и се координираат активности меѓу Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и Службата за општи и заеднички работи на Владата. Враќањето ќе зависи од темпото на нивното отпуштање од странските болници.

„Пациентите кои се лекуваат надвор од земјава до одредена фаза ќе се лекуваат во странските држави кои ни излегоа во пресрет, но во одредена фаза истите тие ќе дојде време кога ќе треба да се вратат во нашата држава и кога ќе треба повторно да бидат сместени во болниците, односно во сите хоспитални капацитети во државата. За таа цел, се прават протоколи и координации меѓу Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и Службата за општи и заеднички работи на Владата во која координација ќе оди враќањето на пациентите во зависност од темпото со кое ќе бидат испишувани од болничките установи од странство“, објасни тој.

На прашањето за состојбата на шесте пациенти во критична состојба кои се лекуваат надвор од земјата, Настов рече дека повеќе детали ќе бидат познати по состанокот на Кризниот штаб. Тој додаде дека странските болници испраќаат дневни извештаи, а најновите информации се очекуваат попладнево.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни