На фестивалот КРИК гостува Андреј Мирчев, професор, драматург и уметник од Берлин

Во рамките на осмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во
организација на Контрапункт, годинава тематски насловен „Заробени во слободата“, во
четврток, 25 јануари, во КСП Центар – Јадро, со почеток во 18 часот, Андреј Мирчев
ќе одржи предавање проследено со дискусија на тема „Иконокластични изведби: Кон
агонистичка политика на слики“.

Фокусирајќи се на концептот на иконoкластична изведба, предавањето го обмислува
мачниот однос помеѓу уметничките практики и современата политика обележана со
неолиберална амнезија. Во контекст на тековните културни војни, актите на кршење на
сликите означуваат субверзивни тактики за нарушување на циркулацијата на
неофашистичките идеологии усогласени со територијалната логика на капитализмот,
патријархалното и колонијалното насилство. Во исто време, упорното уништување на
социјалистичките споменици е едно од одлучувачките алатки на историскиот
ревизионизам после падот на Берлинскиот ѕид. Деконструирајќи ги симболите и
претставите на моќта, овие чинови го оспоруваат неолибералниот јавен простор изграден
околу исклучувањето на Другоста, но може да доведат и до негово зацврстување. Во обид
да се артикулира агонистичка политика на слики, ќе се испита двосмислената идеја за
иконокластични изведби и ќе се фрли светло врз нивната естетска моќ за да ги изложи
алтернативните модели на родова, расна и класно свесна субјективација.

Андреј Мирчев е професор, драматург и визуелен уметник. Неговите истражувања се
занимаваат со дијалектички трансфер помеѓу теоријата и практиката, а неговите интереси
се просторната теорија и теоријата на изведба, интермедијалноста, меморијата и архивите.
Мирчев бил научен соработник во Меѓународниот истражувачки центар „Преплетување
на културите на перформанс“ во Берлин. Предавал на Институтот за применети театарски
студии во Гизен, на Универзитетот за уметност и дизајн (HfG) во Карлсруе и на
Институтот за театарски студии, ФУ Берлин. Во моментов е гостински професор на
Универзитетот за уметности во Берлин.


::: КРИК 08: Заробени во слободата:::
Како и во послените неколку години, КРИК и годинава се одвива во неколку кластери низ
годината, бидејќи обидот да ја живееме и поттикнуваме критичката култура не може да
биде еднократен – тоа е влог кој трае континуирано и постојано.

Царството на слободата, како што често се нарекува од страна на многумина филозофи и
антрополози, нашето општествено достапно слободно време зависи од нашите
институционални форми на живот и од тоа како ги одржуваме или менуваме тие
институции. Нашите општествени институции не се нужно експлицитни, туку се секогаш
имплицитни во она што го правиме и во сите форми на практичните идентитети. Сите активности што ги сметаме за суштински делови на еден практичен идентитет – како
суштински делови на струката со која се идентификуваме – припаѓаат на царството на
слободата, а времето што им го посветуваме се смета за слободно време. Дури и
активностите што може да изгледаат поскоро како средства отколку како цели – на
пример, макотрпното стекнување образование – спаѓаат во царството на слободата, сѐ
додека образованието е суштински дел од она што значи да се биде посветен на струката.
Низ разни теориски, уметнички и социјални практики ги испитуваме и ги истражуваме
формите на рабните, субверзивни стратегии на алтернативните простори на слободата кои
ќе стојат наспрема репресивните општествени и институционални форми кои го
контролираат нашето слободно време, сфатено како време во кое ги остваруваме нашите
императивни цели, поврзано со создавањето на општествени заедници кои се грижат за
заедничкото добро, за зелените политики аплицирани во сите сегменти на заедницата и
кои сакаат да ги редефинираат актуелните, капиталистички, „пазарни“ политички
концепти кои безмилосно газат врз сѐ што треба да го создава емпатичниот, праведен и солидарен поредок.

Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа
(https://www.mi2.hr/en/) од Загреб, kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад, и Културтрегер
од Загреб.

Особена блгодарност до КОМА (@koma.mk) студио за графички дизајн.
Контрапункт и фестивалот КРИК се поддржани од Министерството за култура на Северна
Македонија, Гете институтот, Европската Унија преку проектите на Креативна Европа,
Re-Imagine Europe и Peripheral Visions. Настанот се реализира во соработка со КСП
Центар Јадро.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни