“If ever I would stop thinking about music and politics
I would tell you that the personal revolution
Is far more difficult
And is the first step in any revolution“
-Disposable Heroes of Hiphoprisy
Деновиве минував низ моите купишта винили. Повеќе илјади плочи на кои ги потрошив буквално сите пари кои ги имам заработено. Винилни дискови на кои во концентрични кругови е втиснат патот по кој решително се движам во животот повеќе од педесет години. Кругови кои ја опфаќаат сета мудрост и глупавост, убавина и грдотија, добро и зло на овој улав свет.
Во целиот тој речиси антички хаос од напластена прашина и хартија со арома на одамна минати децении, се појави една подзаборавена плоча, која ми изнуди силна емоционална реакција. На овој свет, единствено музиката има моќ да ве поведе на патување низ времето, а песната “Music and Politics” на Disposable Heroes of Hiphoprisy се стори моја временска машина. Музика и политика не само што беше хит на култното скопско авангардно радио Канал 103, туку беше и џингл, значи концепт на размислување на младата, образована, бунтовна и воинствена екипа која ја креираше програмата на радиото. На почетокот на деведесеттите години од минатиот век, популарната “103јка“ за Скопје и Македонија беше Интернет пред да се појави интернетот, а музиката и реториката кои се пласираа преку радио-брановите, беа ужасно напредни и можеа да се слушнат единствено таму. Во време кога огромното мнозинство сè уште не се осмелуваше да каже што мисли, а особено не на глас, Канал 103 беше трибун на индивидуализмот, промената и слободата на говор. Размислувањата за музика и политика воспоставија стандарди на однесување во многу млади и луди глави. Една од тие очигледно му припаѓа на авторот на овие зборови.
Убави времиња, нели? Свеж, крцкав, популарен медиум во рацете на гласното малцинство, преполно идеализам и желба за лична и општествена промена на подобро. Комплетен медиумски идеализам кој резултираше со извонредна популарност и влијателност и сето тоа без видливи знаци на злоупотреба. Млади луѓе, млада држава…
Но времето е немилосрдно, а носталгијата е варијабилна категорија. Временската машина на крај секогаш нѐ плеснува назад во реалноста на денешнината. Денес мнозинството е гласно, всушност бучно, па од буката не се слуша уката. Технологијата е чудесна, па на довчерашните глувци успеа да им го продаде концептот на индивидуализам, поставувајќи нови стандарди за контрола на населението. Централното достигнување на денешниот човек – медиум, е подигањето на озборувањето и личната немоќ на ниво на информација од јавен карактер. Она што порано беше врв на забавата пред кооперација, на слава, на пијана свадба, или шепот на погреб, денес е легитимна медиумски пренесена новост. Било која “зелена” на Фејсбук е вест во еден куп малоумни портали кои работат на дискредитација на општеството во целост, патем загрозувајќи (уништувајќи) сѐ што е корисно. Луѓето денес мислат дека ако тресат зелени, автомaтски се екологисти. Всушност напротив. Истресената зелена од устата или тастатурата, во атмосферата се трансформира во кафеава. Ме разбирате нели? Станува неорганско гомно и загадува. Порано загадувањето беше локално: пред кооперација, пиљара или на роденденска трпеза. Сега е глобално. Простотилакот, игнорантноста и омразата се сејат, жнејат, собираат, групираат и инвестираат. Токму од оние против кои шишумигите тврдат дека се бунат. Нема да речам се борат, пресериозен е тоа збор за единици и нули од крв и месо, без тронка употребен мозок.
Фејсбук, новото сред-село на Македонецот, е навистина фасцинантно место. Едно време луѓето се организираа од типот “ајде да се собереме 10.000 души и да го вратиме изгледот на стариот Фејсбук“. По речиси една деценија неуспешни обиди да го вратат стариот изглед (изгледот постојано се менува инаку), сфатија дека не можат да го вратат минатото и сега спонтано се собираат од типот “Ајде да се собереме 35 души и да зборуваме колку е грд градот и колку не чини државава“. Врвен пример за слобода на говор, нели? Гледано од позитивната страна, обединувачката моќ на омразата е единствен начин за многумина да успеат да живеат во моментот, а не во “порано“.
Скролајќи на стариот добар интернет, вечерва повторно наидов на истата песна, “Music and Politics”. Боже колку добра песна! Овој пат ме врати подалеку во детството, во средината на осумдесеттите, кога мртов сериозен си мислев:
Колку многу добри песни има во моментов!!! Како светот да постои само за песните. Но не е се во песните и музиката. Има нешто и во политиката.
“If I ever stop thinking about music and politics
I would tell you that music is the expression of emotion
And that politics is merely the decoy of perception”
-Disposable Heroes of Hiphoprisy