Може ли складирањето на јаглерод (CCS) да ги исполни климатските цели на Европа?

Високите трошоци, локалниот отпор и техничките проблеми ја загрозуваат одржливоста на европскиот мултимилијардерски облог на CCS технологијата за декарбонизација на тешката индустрија.

Европската Унија инвестира во технологијата за фаќање и складирање на јаглерод (CCS) за да ги намали емисиите од индустриите кои тешко се декарбонизираат. Блокот има амбициозни цели: 50 милиони тони CO₂ годишно до 2030 година и 280 милиони тони до 2040 година. Но, за тоа е потребно огромно проширување.

CCS подразбира фаќање на CO₂ од индустриски извори, негово втечнување и транспорт преку цевководи, камиони или бродови, пред да се складира под земја – во исцрпени наоѓалишта на нафта или гас или во солени аквифери.

Во моментов, само пет оперативни проекти за CCS постојат во Европа, кои фаќаат вкупно 2.7 милиони тони CO₂ годишно. Од нив, 1.7 MtCO₂ (63%) потекнува од обработка на природен гас во Норвешка – која не е членка на ЕУ. Големи трошоци, мали резултати, велат експертите.

CCS стратегијата бара изградба на целосно нова инфраструктура. Европската комисија проценува дека ќе бидат потребни 19.000 километри CO₂ цевководи до 2050 година, што може да ги чини даночните обврзници до 140 милијарди евра, според Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA).

Но, заедничко истражување на неколку европски медиуми покажува дека три главни проекти кои добиваат поддршка од ЕУ веќе се соочуваат со проблеми – високи трошоци и технички предизвици што го доведуваат во прашање успехот на целата стратегија.

До 2023 година, владите и корпорациите имаат потрошено над 83 милијарди долари на CCS проекти ширум светот, но таа година технологијата фатила само 0.1% од глобалните емисии, според Bloomberg.

Во последната рунда финансирање, 40% од приходите од Европскиот систем за тргување со емисии (ETS) биле наменети за CCS проекти. Но, WWF предупредува дека оваа “еднострана” стратегија ги занемарува други ефективни методи како чиста енергија и енергетска ефикасност.

На пример, во цементната индустрија, скоро сите Innovation Fund грантови се за CCS, наместо за иновации што би ги намалиле емисиите во самото производство

Ги вклучува TotalEnergies, Shell и Equinor. Цел: складирање на 1.5 милиони тони емисии годишно од компании како Yara, Orsted и Heidelberg Materials. Но, анализата покажува трошок по тон CO₂: 145 долари (€128) – без да се смета цената на самото фаќање. Само два бродови за транспорт – секој собира 8.000 тони по патување. Дури и со дополнителни бродови во 2026 година, потребни се уште повеќе за исполнување на целите и CO₂ станува корозивен кога ќе се измеша со вода, што бара специјално чистење на танковите по секое празнење.

Конзорциум на Eni, Snam и Air Liquide. Планира транспорт на CO₂ од Франција и Италија до подземни складишта во Јадранот. Проблеми се високите трошоци за инфраструктура (цевководи, бродови, каптажа). ETS цената е околу €80 по тон, што е преевтино за да го направи CCS исплатлив без дополнителна државна поддршка и нестабилноста на цената на ETS прави долгорочните инвестиции ризични без гаранции.

Планиран да складира CO₂ блиску до индустриските извори за да се намалат трошоците. Но, откажан поради локален отпор – страв од губење на 1.700 работни места во постоечко гасно поле, додека проектот ќе создаде само околу 80 нови работни места.

Заговорниците велат дека потребна е поголема јавна поддршка за да се овозможи комерцијален успех на технологијата. Но, критичарите предупредуваат дека се троши време и пари на технологија која не дава доволно резултати.

„Најголемиот ризик со CCS е што ќе изгубиме една деценија и милијарди евра наместо да спроведеме мерки кои знаеме дека функционираат“, вели Рејчел Кенерли од Центарот за меѓународно право за животна средина

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни