Трн: За Чудна случка со кучето во ноќта велиш дека е еден вид мисија, зашто зборува на многу ранлива тема и секое нејзино излегување во нова средина и пред нова публика е важно и драгоцено. Која е мисијата на Зоја Бузалковска?
Зоја: Претенциозно би било да се каже дека сè што правам е на некој начин мисија, но често размислувам дека внесувањето нов начин на мислење или нов јазик или комбинирањето на наизглед неспоиви техники и вештини со театарскиот израз, се еден вид мисија. Воопшто, неодењето на сигурно. Има многу режисери, кои под превезот на изграден стил или метод, цел живот прават една и иста претстава. Јас така не знам. Или барем – не можам. Секој текст, секој театар, секоја екипа, за мене е различна приказна, различен приод, истражувачки процес во вистинската смисла на зборот, ризик во креативна смисла. И, не се плашам дали ќе „треснам“ од високо. Кога на сето ова ќе се додаде и ранлива тема (јас сакам да се зафаќам со теми на кои луѓето одбегнуваат да говорат во нашата средина), тоа му дава на она што го правиме друго, поголемо општествено значење. Како еден вид мисија ја разбирам и својата педагошка работа. Гледам и таму да им дадам на студентите нешто особено, нешто повеќе, нешто што ќе го однесат во професионалниот живот како вештина плус и кое ќе го шират и тие понатаму како зараза во институциите во кои ќе влезат да прават театар.

Трн: Со подеднаков жар зборуваш за претставите на твоите студенти како и за твоите. Дали ти е поинтересно во улогата на режисерка или во улогата на професорка?
Зоја: Кога човек ќе донесе одлука да се занимава со педагошка работа, мора да биде свесен за сите жртви и лишувања кои се потребни, за да се издржи товарот, обврската, одговорноста, кои се огромни, за да се одговори на предизвиците стопроцентно, зашто само така и смее да биде. Професорот и голем актер Кирил Ристоски, чија класа ја наследив, велеше – ние сме на изворот, што е огромна привилегија и, истовремено, огромна одговорност. Ниеден режисер, кога ја носи одлуката да се бави со театар и со режија, не си го замислува животот со работно време и стриктни обврски на неделна основа. Мојот план за животот беше – дека нема да има план, дека ќе се живее од денес до утре, од прилика до прилика, од процес до процес, од град до град, од држава до држава… Наместо тоа, сосема случајно или сосема намерно, одбрав да живеам два предизвика истовремено – оној „на изворот“ и оној кој претставува моја креативна работа. Подеднакво уживам и во режијата и во професорската работа, а моја огромна среќа е што тие си се храна една на друга, си помагаат, се надополнуваат.

Трн: Во твоите претстави, актерите интензивно ги користат телата, дури би рекол и со доза на акробатизам, а сценографијата е платформа на која се движат телата на актерите. Дури, актерите во Иванов пробаа на карпите кај Матка. Колку ти е битна кореографијата? Дали ќе почне да те интересира и танцот?
Зоја: Употребата на вештини, како што беше free running – от во „Чудна случка со кучето во ноќта“ или качувањето карпа во „Иванов“ има смисла само ако биде поврзана со темата или со јазикот на претставата која ја работам. Не значи нужно дека во секоја претстава би употребила вакви елементи, како што и ги нема во повеќето мои претстави. „Чудна случка со кучето во ноќта“ има филмска структура, со брзи промени на простор и време. Free running – от го запознав одамна и ми се виде како фантастична можност, за неверојатно кратко време, на исклучително атрактивен начин, да се промени ситуацијата и просторот за игра. Додаток е овде играта со сценографските елементи, кои, беше предизвик, како да се лего коцки, да се поставуваат низ просторот и да го менуваат така за да се означи некое конкретно и добро препознатливо место. „Иванов“, пак, го гледав како претстава која се игра во вертикала. Таа идеја пропатува низ многу можни простори и услови за работа и имаше среќа да биде реализирана токму во МНТ. Низ развојот на идејата, дојдовме до вештачката карпа и до качувањето, како начин она што сакаме да го направиме, најточно да се изрази. Притоа, кога правам нешто вакво, не си дозволувам да заборавам дека мора да се раскаже приказна и дека претставата е поважна од демонстрацијата на било каква вештина.

Трн: Живееме во онлајн паланка. Гласовите ограничени на маалските бакалници и сокаци, сега добиваат огромен простор и се чини стануваат доминантен глас и наратив, а клетвите и пцостите кон поинаквите се мејнстрим на социјалните мрежи. Во „Иванов“ фокусот е кон интелектуалецот, но во фокусот на современиот свет е површноста, нихилизмот… Дали не е предоцна да се поставува прашањето за улогата на интелектуалецот денес? Дали воопшто постои важечка дефиниција за тоа што е интелектуалец?
Зоја: За некои прашања никогаш не е предоцна да се постават. Ова е борба, која во моментов подразбира сооднос 100.000 на 9.000.000.000. Можеби е јалова, но мора да се води. Немаме друг избор. „Иванов“ е напишан е во 1887 односно 1889 година. Како што гледате, по 135 години темата не изгубила ништо од својата актуелност, напротив. Разликата е само во тоа што тогаш бројките во истиот сооднос биле поинакви односно помали. Онлајн паланката ја прави темата глобално присутна и поуниверзална од кога и да е претходно. Попатно, феноменално е кога некоја невкусна и плитка реакција од удобната гајба на онлајн маалската бакалница во име на поента од претставата што ја правам, ја афирмира истата таа поента и укажува на тоа колку ваквата претстава е насушно потребна. Ова ме фасцинира, но никако не може да ме радува.
Трн: Чехов, речиси целосно ја преработел драмата „Иванов“. Која твоја претстава би ја поставила одново и сосема поинаку?
Зоја: Тоа да размислувам како денес повторно би поставила некои мои претстави или некои текстови кои веќе сум ги режирала не ми е несвојствено. За некои теми има повеќе можни развојни линии, некои текстови може да се постават на сосема различни начини, дури и кога се работи за истиот сензибилитет. Понекогаш, нема добро да се разберете со екипата и нема да го направите она што сте го замислиле докрај или онака како што би сакале. Понекогаш, пак, едноставно не сте задоволни со себеси и со она што сте го направиле со одредена материја, чувствувате дека сте можеле подобро или поинаку. Но ете, никогаш досега немам режирано двапати ист текст, што не значи дека нема да се случи. Деновиве сум во Берлин, во исчекување да го гледам новиот „Галеб“ на Томас Остермаер. Додека светот сè уште живее во спомените од неговиот одличен „Галеб“, кој и ние имавме прилика да го гледаме на МОТ пред неколку години, во март тој го постави истиот текст на сосема поинаков начин. Во истиот театар, во кој и тогаш и денес е уметнички директор, Schaubuhne. Инаку, не е точно дека Чехов речиси целосно ја преработел „Иванов“. Има промени, клучна од кои самиот крај, како и жанровски поместувања, но многу работи се идентични. Една од најголемите промени е интерпункцијата и тоа ми беше посебно интересно да го сфатам!
Трн: Да не беше режисерка, што ќе беше? Што сонуваше Зоја пред театарот? Што сонуваш сега?
Зоја: Никогаш немало друга опција. За малку ќе бев новинарка, зашто во еден момент морав да правам нешто, чекајќи втора шанса да бидам она што мечтаев. И, не ми беше удобно во таа верзија на себеси, морам да признаам. Откако дојдов таму каде што отсекогаш сакав да бидам, можам да речам дека го живеам својот сон и тоа е удобно чувство. Своја на своето.

Трн: Дали повеќе те радуваат наградите кои ги освојуваат твоите претстави, или првите читачки проби на новите претстави?
Зоја: Многу се израдував за сите награди што ги зеде „Чудна случка со кучето во ноќта“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Тие се еден вид признание за она што се направило. А првите читачки проби, им велам на своите студенти, се свечен чин. Тие се повеќе од радост. Тие се огромна возбуда. Тука се зачнува нешто што не знаете какво ќе излезе и што точно ќе биде, ама ќе биде ваше, вие сте го создале… Но, ако прашањето беше, дали ми е поважен резултатот или процесот, се разбира, ако процесот не е убав и резултатот нема да биде добар. Само што, за мене, претставата е процес сè додека се игра пред публика, па макар и тоа да е десет години. Тој процес завршува дури откако претставата ќе се одигра за последен пат.