Возачот на Дукати, Шпанецот Марко Маркез, го освои светското првенство во MotoGP шампионатот откако на Големата награда на Јапонија на патеката Мотеги заврши на второ место, што му беше доволно за да ја освои својата седма титула светски првак во кариерата.
Маркез ја обезбеди титулата пет трки пред крајот на сезоната, бидејќи е прв на генералниот пласман со 541 поен, додека неговиот помлад брат Алекс Маркез од екипата Гресини Рејсинг е втор со 340 поени.
Маркез ја освои својата седма титула шампион во „кралската класа“, а вкупно деветта во сите категории. Возачот на Дукати освои ист број титули во „кралската класа“ како и Италијанецот Валентино Роси.
Марко Маркез (32) стигна до титулата по шест години пауза. Титулите во „кралската класа“ ги освои во 2013, 2014, 2016, 2017, 2018, 2019 и 2025 година. Оваа сезона, возачот на Дукати забележа 11 победи во 17 главни трки и 14 победи во спринт трки.
Потоа даде и изјава пред камерите:
„Невозможно е дури и да зборувам… Само сакам да уживам во моментот, но вистината е дека беше тешко, многу тешко, но сега сум во мир со себе. Направив голема грешка во кариерата што се вратив прерано (по операцијата), па потоа се борев, борев и победија повторно! Затоа сум сега во мир“.
Шпанските медиуми потенцираат дека титулата на Маркез добива посебна тежина, бидејќи тој имаше четири операции на раката во последните пет години, поради што пропушти 30 трки во четири сезони.
Првото место на денешната трка во Јапонија го освои Италијанецот Франческо Банјаја, додека третото место го зазеде Шпанецот Жоан Мир од Хонда, кој по четири години повторно се најде на подиумот.
Банјаја, светски првак во 2022 и 2023 година, е трет на генералниот пласман со 274 поени.
Следната трка од MotoGP шампионатот ќе се одржи на 5 октомври на Големата награда на Индонезија.