Русија, доколку има потреба, ќе ѝ пружи помош на Северна Кореја во согласност со Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите. Според него, искуството од Специјалната воена операција покажало колку е ефикасен договорот меѓу Русија и Северна Кореја.
„Имаме активен договор според кој двете страни се обврзаа дека, доколку има потреба, веднаш ќе си пружат помош една на друга. Учеството на војниците од Пјонгјанг во операцијата за ослободување на Курската област ја покажа ефикасноста на договорот меѓу двете земји“, заклучи Песков.
На новинарско прашање дали Владимир Путин планира да стапи во контакт со лидерот на ДНРК, Ким Џонг Ун, Песков одговори дека такви планови засега нема.
Тој исто така истакна дека не постојат планови за разговор помеѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, но додаде дека тоа може брзо да се договори.
Наведе дека Соединетите Американски Држави продолжуваат со напорите за мирно решавање на конфликтот меѓу Украина и Русија и потсети дека Русија повеќепати изразила подготвеност да учествува во мировни преговори.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин изрази благодарност до Северна Кореја, нејзиниот лидер Ким Џонг Ун и единиците на Корејската народна армија за помошта во ослободувањето на Курската област од украинските формации, се наведува на веб-страницата на Кремљ.
Началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов, во саботата го известил Путин за завршувањето на операцијата за ослободување на Курската област од милитантите на украинските вооружени сили. Истовремено, тој особено ја нагласил помошта од севернокорејските трупи во поразот на непријателот.
Официјалната претставничка на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, објасни дека корејскиот воен персонал учествувал во операцијата за ослободување на пограничната Курска област во согласност со член 4 од Договорот за сеопфатно стратешко партнерство.
Северна Кореја денеска исто така официјално го потврди испраќањето на трупи во Русија. Според Централната воена комисија на земјата, лидерот Ким Џонг Ун го сметал овој чекор за света мисија – за зајакнување на пријателството и единството меѓу двете земји, обезбедување развој и просперитет и заштита на честа на својата држава.