Модата е вид отпор на новите генерации

    Еден од главните предизвици со кои се соочуваме како млади кои живеат во Македонија е наследството на она што е кодифицирано, очекувано и општо прифатливо. Како држава и како менталитет имаме сериозен проблем со концептот на различното, нешто кое мислев дека со текот на времето би се менувало, и ова, за многумина околу мене кои ги знам е и претставува голем проблем. Бидејќи често функционираме со двојни стандарди, од една страна сакаме да зборуваме дека сме отворени, но во пракса, конзервативноста си го покажува своето во секоја прилика. Гледам и следам како ова многу млади луѓе го чувствуваат ова и кај нас, начините со кои се справуваат со ваквите нешта се разновидни, тие го користат својот идентитет за директно да ја испратат пораката за еден вид политички и уметнички отпор, што многу ми се допаѓа. Секако, ова се забележува на ниво на моден стил особено, нешто кое не е ново, ниту невообичаено, но во контекст на нашата современа држава и појави, интересно е да се анализира малку поконкретно.

Темата за моднниот вкус, поврзана и со одржливоста, политичкото преку идентитетот и себеизразувањето во земјава ми дава надеж дека тука има многу млади и прогресивни луѓе кои успеваат да се борат со сивите облаци кои никако да се помрднат од нашето небо. Се радувам кога ги гледам по улици и самата несвесно се обидувам да го преземам тоа, во бунилото на прашалници за можните насоки во кои се движиме, она што ни тежи, нè мачи или нè предизвикува. Стравот од неприфаќањето, колку и да е тежок, преку храбрите избори на тоа што го облекуваме полека се пренасочува во подлабоки разговори кои ги третираат класните и економските, родовите прашања, но и и многу други кои ни се важни, кои се дел од ставовите за тоа какви ставови застапуваме и за каква околина сонуваме.

Многу димензии преку кои денес ја анализираме и користиме модата во поширока смисла се поврзани и со револуционерните промислувања на телото и на уметноста во нејзина полза како тетоважите, фризурите, шминката. Телото како никогаш досега станува концепт кој гласно искажува политички пораки без изустување на збор, што за мене е многу важна идеја во анализирањето на новите трендови, генерациските промени и изразувања, односно алатките кои ги користиме за да пренесеме некаков став, заложба или потреба за промена. И, иако овие гестови се сметаат навидум за мали, на колективен план дефинираат создавање на нови супкултури кои допираат до општествено важните теми преку нивните искуства. Едно такво нешто е купувањето облека од ,,втора рака” кое кај нас полека ја стекнува својата популарност дури сега, а е во контекст и на антикапиталистичките заложби за грижа за средината, свесност за она што се продуцира и конзумира, нашата улога како купувачи и потоа, една специфична естетика која не е нова, но е многу интересна и важна денес.

Притиснати сме во рамките на хетеронормативното околу нас секој ден, но и предизвикани да делуваме на микро план повеќе од кога било, со надеж дека така одново ќе почнеме да градиме колективна свест и нови патишта за идно критичко трансформирање на стварноста. Во тие борби, нашите тела и она што го носиме на нив стануваат суштински важни, не само за истражување на нови позиции, туку и за борба за заедништво и еднаквост. Секое парче и украс на нашата кожа станува порака која може да се чита и толкува без нашите дејства, а разноликоста и смелоста на новите генерации низ градот покажува дека тие имаат што да кажат и истражуваат начини како тоа да го канализираат и пренесат околу себе. Со ова, одново, нè навраќаат кон едно пошироко општествено делување, или можеби наметнуваат некое сосема ново, кое субверзивно ќе ги поткопува закоравените норми и ќе бара ново, ќе бара отвореност, ќе бара широкоградост.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни