Како ви дојде идејата да започнете ваков бизнис?
Дамјан: Од почетокот, кога заедно со Сара учевме да ткаеме, нашата најголема желба беше да имаме сопствен дуќан. Сакавме јавноста да види како се изработуваат народните носии, како изгледа процесот на ткаење на разбој, бидејќи вакво место не постои во Македонија. Имаше нешто слично на „Македонско село“ во Нерези, но откако го затворија, сфативме дека постои празнина која можеме да ја пополниме.
Дали се чувствувате поинакви меѓу вашите врсници?
Дамјан: Не сметаме дека сме поинакви, туку дека имаме специфична мисија – да ја зачуваме македонската традиција. Она што нашите предци ни го оставиле не треба да биде прекинато. Современоста и традицијата не се исклучуваат една со друга. Напротив, нашата работа покажува дека автентичните корени можат да бидат инспиративни и вредни.
Што сѐ продавате во дуќанот?
Сара: Нашата понуда е широка – продаваме делови од носии, алки, чорапчиња, сувенири, цели носии кои се на продажба, како и дел кој е изложбен. Посетителите можат да почувствуваат како изгледале и се чувствувале луѓето пред сто години – од материјалите како волна и памук, до специфичните дизајни на ткаенините.
Колку чини една носија?
Дамјан: Цената зависи од сложеноста на носијата и бројот на делови. Основните делови – кошула, елек, скутина, марама, чорапи и опинци – чинат од 50 до 3000 евра. Мијачките носии, на пример, се најскапи бидејќи содржат сребрен накит. Една низалка чини околу 1000 евра, исто толку и пафтите.
Како изгледа процесот на ткаење?
Дамјан: Процесот започнува со сновење, каде што се подготвува основата за ткаење. Потоа се намотува на кросно, се воведува во нити, брдо, и се врзува на разбојот. Учев од баба ми, но вистинскиот предизвик беше кога сам на 16 години направив разбој и почнав да ткаам. Најтешко е да се испланираат шарите, бидејќи бараат многу броење и прецизност.
Кои се вашите најчести клиенти?
Сара: Најмногу доаѓаат странски туристи, љубители на фолклорот и луѓе од дијаспората. Често купуваат културни ансамбли, но и индивидуални клиенти кои сакаат да имаат нешто традиционално.
Имате ли многу работа?
Дамјан: Апсолутно! До лето сме целосно зафатени со нарачки – од 120 метри платно до скутини, антерии и појаси. Ова само покажува дека традицијата има место и денес.
Што сакате да постигнете со вашиот бизнис?
Сара: Сакам да им покажам на младите дека традицијата е инспиративна и вредна за продолжување. Таа е дел од нашиот идентитет и со оваа работа го чуваме она што сме. Почнавме и со работилници за ткаење, бидејќи интересот е огромен.
Дамјан и Сара не се само занаетчии, туку вистински амбасадори на македонската традиција. Нивната приказна е доказ дека со страст, визија и труд може да се оживее културното наследство и истовремено да се создаде успешен бизнис.