Црногорската министерка за туризам, Симонида Кордиќ, е тешко повредена во сообраќајна несреќа што се случила денес околу 14:45 часот на магистралниот пат од селото Драгаљ кон Рисан, потврди црногорската Управа на полицијата, пренесуваат медиумите.
Министерката се наоѓала во службено возило на Министерството за туризам, марка „Мерцедес“, управувано од службен возач. Во несреќата учествувале уште две возила, а повредена е и една жена со иницијали С.Ч., која се наоѓала во друго возило.
Симонида Кордиќ е хоспитализирана во Клиничко-болничкиот центар во Котор, додека С.Ч. со полесни телесни повреди е примена во Специјалната болница „Васо Ќуковиќ“ во Рисан.
Истрагата е во тек
Според првичните информации, сударот се случил на рамна делница од патот, веднаш по тунелот во близина на селото Драгаљ. Полицијата соопшти дека јавниот обвинител од Основното државно обвинителство во Котор е информиран и дека е извршен увид на местото на настанот. Се преземаат мерки за утврдување на причините за несреќата.
Интересен е податокот дека истото службено возило, со регистарски таблички PG-CG-040, и претходно било пријавувано. Во април годинава, полицијата добила пријава дека истото возило, со вклучени ротациони светла, претекнувало колона на полна линија на патниот правец од Херцег Нови кон Морин, притоа загрозувајќи други учесници во сообраќајот.