Минерали и витамини кои ги ублажуваат симптомите на мигрена

Постојат бројни начини за спречување на мигрената, како и одредени витамини и минерали кои можат да ги ублажат нејзините симптоми. Татјана Поповиќ, нутриционист и здравствен тренер советува како на природен начин да ги ублажиме симптомите на овој вид главоболка.

Симптомите на мигрена може да го отежнат секојдневниот живот. Овие интензивни главоболки може да предизвикаат мачна болка, чувствителност на светлина или звук и гадење.

Што е мигрена?

Тоа е сложена болест, односно невролошка болест која се карактеризира со интензивни, често пулсирачки главоболки кои можат да траат од неколку часа до неколку дена. Оваа болест погодува милиони луѓе ширум светот, а нејзините симптоми може да вклучуваат гадење, повраќање, како и чувствителност на светлина и звук.

Иако главоболката е симптом познат уште од античко време, мигрената како специфична состојба била препознаена само во современата медицина. Првите описи на мигрената биле забележани во античка Месопотамија, а Хипократ ги дал првите детални описи на симптомите во 5 век п.н.е.

Сепак, дури во 19 век лекарите почнале сериозно да ја истражуваат мигрената како посебен вид на главоболка. Францускиот лекар Луј Хиасинт Томас прв го употребил терминот „мигрена“ во својот труд од 1873 година, поврзувајќи го со нарушувања на нервниот систем. Во последните неколку децении, благодарение на напредокот во невролошките истражувања, мигрената не е толку непозната, што доведе до развој на поефикасни методи на лекување и превенција.

Денес, таа останува предмет на интензивно истражување, бидејќи нејзините причини не се целосно познати, а симптомите може значително да варираат од личност до личност.

Додатоци за превенција од мигрена

Постојат неколу лекови на рецепт кои се користат за спречување и лекување на мигрена, но тие можат да имаат несакани ефекти. Добрата вест е дека постојат голем број природни алтернативи што можете да ги испробате. Одредени витамини и хранливи материи можат да ја намалат зачестеноста или интензитетот на мигрената.

Сепак, многу често стратегиите за третман на мигрена кои функционираат за едно лице не функционираат за друго. Кај некои луѓе, истиот третман може дури и да ја влоши мигрената. Затоа е важно да се консултирате со лекар при воведување на каква било терапија.

Ниту еден додаток не е научно докажан дека помага во спречување на мигрена кај сите луѓе. Ова е делумно, така затоа што главоболките на секоја личност се различни и имаат уникатни предизвикувачи.

Сепак, ефикасноста на овие 5 додатоци за спречување на мигрена е научно докажана, па вреди да се проба.

Витамин Б2 или рибофлавин

Истражувањата сè уште не покажале како и зошто витаминот Б2, познат и како рибофлавин, помага во спречување на мигрена. Ова може да биде поврзано со ефектот што овој витамин го има врз начинот на кој клетките ја метаболизираат енергијата.

Една студија заклучи дека рибофлавин може да игра улога во намалувањето на зачестеноста и времетраењето на нападите на мигрена, без сериозни несакани ефекти.

Ако одлучите да го земате овој додаток, консултирајте се со вашиот лекар пред употреба. Препорачаната дневна доза на Б2 за превенција од мигрена е 400 mg.

Магнезиум

Според Фондацијата за мигрена на Америка, дневните дози од 400 до 500 mg магнезиум можат да помогнат во спречување на мигрена кај некои луѓе. Се смета дека магнезиумот е особено ефикасен за мигрени поврзани со менструацијата и оние со придружна аура или визуелни промени.

Според една студија нападите на мигрена кај некои луѓе се поврзани со недостаток на магнезиум. Научниците открија дека давањето магнезиум интравенозно може да помогне во намалувањето на акутните напади на мигрена, а дека магнезиумот земен орално може да ја намали зачестеноста и интензитетот на мигрените.

Ако одлучите да земете додаток на магнезиум, внимавајте на количината што ја содржи секоја пилула. Ако една таблета содржи само 200 mg магнезиум, треба да земате две дневно. Во секој случај, ве советувам да се консултирате со лекар.

Витамин Д

Истражувачите штотуку почнуваат да ја истражуваат улогата што витаминот Д може да ја игра во превенцијата и лекувањето на мигрената. Всушност, една студија сугерира дека дополнувањето на витамин Д може да помогне да се намали зачестеноста на нападите на мигрена. Во таа студија, на учесниците им биле давани 50.000 меѓународни единици витамин Д неделно.

Пред да започнете да земате додатоци, проверете со вашиот лекар колку витамин Д му треба на вашето тело.

Една студија сугерира дека суплементацијата на витамин Д може да помогне да се намали зачестеноста на нападите на мигрена

Мелатонин

Една студија покажа дека хормонот мелатонин, кој често се користи за регулирање на циклусите на спиење, може да помогне да се намали зачестеноста на мигрените.

Студијата покажа дека мелатонин генерално подобро се поднесува и во многу случаи е поефикасен од лекот амитриптилин, кој често се препишува за спречување на мигрена, но може да има несакани ефекти. Дозата на мелатонин користена во студијата беше три mg на ден.

Коензим Q10

Коензимот Q10 е супстанца која има важни функции во човечкото тело, како што е помагање за генерирање енергија во клетките и заштита на клетките од оксидативно оштетување. Бидејќи се покажало дека луѓето со одредени болести имаат пониски нивоа на коензим Q10 во крвта, истражувачите се заинтересирани да откријат дали дополнувањето со оваа супстанца може да има здравствени придобивки.

Иако нема многу докази дека коензимот Q10 е ефикасен во спречување на мигрена, постојат индикации дека може да помогне да се намали зачестеноста на мигренозните главоболки. Имено, во водичот на Американското здружение за главоболка, коензимот Q10 е класифициран како „потенцијално ефикасно решение“. Потребни се повеќе истражувања за да се дојде до конечен заклучок.

Типична доза на коензим Q10 е до 100 mg три пати на ден. Бидејќи овој додаток може да комуницира со одредени лекови или други додатоци, консултирајте се со вашиот лекар пред да го користите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни