Метаморфоза во уметноста – изложба што ги спојува природата, материјата и човекот

Новата изложба „Метаморфози“ ја истражува трансформацијата на формата и материјата во визуелната уметност – процес што ја поврзува природата и човекот.

Метаморфозата – како природен циклус и како творечки процес – е во фокусот на изложбата што ја истражува промената на формата, материјата и перцепцијата во визуелната уметност. Изложбата претставува патување низ процесите на себеистражување, трансформација и премин од едно во друго состојание, при што уметноста станува мост меѓу природата и човекот.

Метаморфозата во визуелната уметност, како и во развојот на секој уметник, е резултат на процеси на истражување – на себе, на околината и на она што е применливо во творештвото. Таа е циклус составен од различни фази и стадиуми, каде секој чекор ја надградува претходната форма и создава нова.

Оваа изложба произлегува од принципот на микро и макро организми – совршено дефинирани форми кои во себе ги носат сите мали детали што ја градат „големата слика“. Метаморфозата започнува од основниот елемент на сликарското изразување – бојата – и продолжува кон нејзино материјализирање во форма на сув пигмент, текстура, тродимензионалност, сенка и отсјај. Таа преминува од класичен медиум кон физички присутна форма, создавајќи испакнатини и пукнатини, исто како што природата непрекинато се менува.

Барајќи ги овие квалитети во минералите, каменот, цветот или песокот, авторите го нагласуваат токму процесот на премин – бидејќи ниту едно тело, ниту едно битие не останува во постојана состојба. Промената и метаморфозата се универзален стадиум низ кој сите минуваме.

Изложбата концептуално се потпира и на идејата дека „позајмената форма“ позајмува значење – дека не постои разлика помеѓу идејата за создавање на слика и композицијата во која формата постои. Делата се поставени во рамка на совршени геометриски носачи (круг, квадрат), кои се спојуваат со природни, органски елементи што излегуваат од својата форма и се претопуваат во нешто ново.

Во тој контекст, изложбата станува и „огледало“ – рефлексија на природата во нас и космичкото што минува низ нас. Уметниците создаваат нови концепти, нов живот и нови вистини преку своето творештво, поставувајќи прашања за нашата врска со природата, симболиката и постојаната промена.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Центар, како и од проектот „Култура за развој“ на Швајцарската влада, спроведуван од Хартефакт фонд.

Авторите зад „Метаморфозата“

Викторија Митева е родена во 1996 година во Кочани. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, на отсек сликарство со модул конзервација и реставрација, во класата на проф. м-р Слободанка Стевческа.

2022 – Изложба „Метаморфози“, НУЦК „Бели мугри“, Кочани

2020 – Прва самостојна изложба „Конструктивна мемориска свест“, НУЦК „Бели мугри“, Кочани

2019 – Групна изложба „21st Street“, MC Gallery, Њујорк

Орхан Ќамилов дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, насока графика, во класата на проф. Костадин Танчев – Динка.

2022 – Изложба „Метаморфози“, НУЦК „Бели мугри“, Кочани

2021 – Мултимедијална изложба „Од другата страна на огледалото“, НУЦК „Бели мугри“, Кочани (заедно со Катерина Соколова)

2008–2016 – Реализирал изложби во Букурешт, Солун, Венеција, Бугарија и Романија

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни