Иако ова е се уште далечна и нејасна цел, која некои аналитичари ја сметаат за нешто што не носи веднаш бенефит во моменталниот бизнис на компанијата, Закерберг не штеди пари и ресурси. Во трката со OpenAI, Google и другите конкуренти, тој собира тим од светски врвни истражувачи и инженери, понекогаш со понуди за плати од стотици милиони долари.
Минатиот месец, Сем Алтман, извршен директор на OpenAI, тврдеше дека Мета им нуди бонуси за потпишување и до 100 милиони долари за да ги привлече најдобрите кадри. Дури и шефот на Google, Сундар Пичаи, неодамна призна дека компанијата е во „војна за таленти“ кога станува збор за вештачка интелигенција.
Од метаверзум до суперинтелигенција
Откако идејата за метаверзумот не донесе очекуван успех, Закерберг го сврти курсот кон вештачката интелигенција како следниот голем технолошки бран. Мета вложи милијарди во центри за податоци и чипови, но нема профитабилен бизнис во cloud computing како другите гиганти, па инвестициите се под голем притисок.
Покрај тоа, лансирањето на новиот модел Llama 4 од Мета каснеше, што ја одразува важноста на тимот што стои зад развојот, а не само на технологијата и инфраструктурата.
„Можете да имате илјадници графички чипови, но ако немате вистински тим кој ќе го развие моделот, тоа не е важно“, вели аналитичарот Гил Лурија.
Вработувања со милионски плати и нови лидери
Минатиот месец Мета вложи 14,3 милијарди долари во Scale AI, стартап за етикетирање податоци, и по договорот основачот Александар Ванг и неколку други клучни луѓе од Scale се приклучија на Мета. Ванг сега ја води новата лабораторија за суперинтелигенција заедно со поранешниот извршен директор на GitHub, Нат Фридман.
„Работам на создавање неверојатни производи со вештачка интелигенција кои милијарди луѓе ќе сакаат да ги користат“, рече Фридман.
Во последните недели, Мета го привлече најдоброто од OpenAI, Apple, Google и Anthropic, понекогаш со понуди вредни стотици милиони долари, покажувајќи колку далеку е подготвен Закерберг да оди.
Зошто вештачката суперинтелигенција е важна за Мета?
За Закерберг, ова е повеќе од технологија. Тој сака Мета да има клучна платформа за следната голема технолошка револуција. Компанијата ја загуби трката за мобилните оперативни системи, каде што доминираа Apple и Google, и сега се обидува да ја обезбеди својата иднина преку вештачката интелигенција.
Соработката со Amazon Web Services во поддршка на стартапи кои користат Llama AI моделот е дел од стратегијата да ја направи технологијата неопходна за новите бизниси.
Прашања што се поставуваат
И покрај огромните инвестиции и амбиции, аналитичарите се прашуваат како всушност потрагата по суперинтелигенција ќе и помогне на Мета да го развие својот бизнис.
„Раководството ќе треба да одговори на тешки прашања за тоа како оваа голема цел се вклопува во широка бизнис стратегија“, вели Минда Смајли од Emarketer.
Извор: CNN