Планот предвидува производството на околу 100.000 возила годишно, кои досега се произведуваа во Германија, да се префрли токму во оваа унгарска фабрика. Ова, во подолг рок, ќе значи губење на работни места во Германија.
Како главна причина за ваквата одлука, од управата на Mercedes наведуваат значително пониски трошоци за производство во Унгарија. Според финансискиот директор на компанијата, Харалд Вилхелм, трошоците за труд таму се за околу 70% пониски отколку во Германија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во март објави фотографии од средба со извршниот директор на Mercedes, Оле Калениус.
„Фабриката во Кечкемет стана втората најголема автомобилска фабрика на Mercedes-Benz во Европа, каде што веќе се вработени речиси 5.000 луѓе. Со проширувањето што е во тек, ќе се отворат уште 3.000 нови работни места до 2026 година, а капацитетот ќе се зголеми на 400.000 возила годишно“, стои во коментарот на официјалниот сајт на Орбан.
Од Mercedes не го потврдија ниту состанокот на Калениус со Орбан на 17 март во Будимпешта, ниту средбата од 19 јуни 2024 година во Штутгарт.
Иако Европската унија ѝ ја ускрати на Унгарија исплатата на милијарди евра поради загрозување на владеењето на правото и медиумските слободи, инвестициите на концерни како Mercedes носат нов капитал во земјата и ја зацврстуваат позицијата на Орбан, пишуваат германските медиуми.
Од управата на Mercedes изјавија дека работат во согласност со политичките насоки и во рамки на законската регулатива.