Македонските музички ветерани „SIZ“ со нов пост-панк „This is SIZ“, наскоро и винил издание во Скопје и Белград

„SIZ“ со нов пост-панк „This is SIZ“, наскоро и винил издание во Скопје и Белград

Македонските андерграунд ветерани „SIZ“ со гордост го претставуваат албумот „This is SIZ“, кој е достапен на сите дигитални платформи, како и на Bandcamp. За неколку месеци, албумот ќе биде објавен и на плоча, во лимитирано издание на домашната „Green Hill Records“ и „Pop Depresija“ од Белград.

„Албумот „This is SIZ“ ја спојува суровата енергија со ефектни аранжмани. Нема ни еден момент на мир – ова е сведена, експлозивна музика што врие од идеи и емоции. Ова е музика за танц и музика што те тера да размислуваш. Го направивме албумот во кој е вграден ДНК-то на SIZ. Ова сме ние, ова е SIZ.“ велат Ивица Димитријевиќ (гитара и вокал) и Јане Трајковски, (синт и електроника).

„SIZ“ за повеќе од една деценија постоење, имаат објавено четири студиски албуми: „Responsibility“ (2012), „Wake Up“ (2013), „This is not a showbiz“ (2014) и „Essence“ (2015).

Димитријевиќ и Трајковски информираат дека на „This is SIZ“ се наоѓаат 12 песни, од кои девет се новоаранжирани верзии на претходно објавени песни, и три сосема нови. Албумот е снимен и миксан во Скопје од Трајковски, а за мастерингот бил задолжен Виле Хивонен од Хелсинки.  

Продукцијата е на бендот, кој го задржа својот препознатлив DIY (направи сам) пристап и целосна уметничка слобода. Дизајнот на обвивката од албумот е дело на Коста Лазаревски.

Легендарниот музички новинар Џон Роб своевремено вака ги опиша SIZ:

„Тоа е возбудлив и енергичен судир на рифови, со самоувереноста на Џон Спенсер и инвентивниот гитарски дијалог на Fire Engines. Тоа е фри џез, тоа е панк рок, тоа е фанк… Ова не е мрзлив ноиз, туку високо интелигентен судир на рифови што потсетува на остриот, аголен британски пост-панк. SIZ градат храбра нова иднина од реликвиите на пост-панкот и звучат целосно возбудливо и поинаку.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни