Македонија бележи стабилен раст во туристичкиот сектор, при што приходите од оваа индустрија изнесуваат над 600 милиони долари.
Со 4,7% од вработените ангажирани во туристичко-угостителскиот сектор, се отвораат значајни можности за екотуризмот како една од најбрзорастечките гранки во светот.
Според проценките на експертите, екотуризмот е гранка со голем потенцијал за раст и развој поради недопрените природни богатства и зачуваното природно окружување што Македонија го нуди.
„Македонија е дестинација што останала недопрена од масовниот туризам и располага со изобилство на природни и културни богатства, кои се идеални за развој на екотуризмот,“ изјави Орце Симов, претседателот на комората за информатичко-комуникациска технологија и услуги при Сојузот на стопански комори на Македонија.
„Имаме многу локации кои се автентични и сочувани во својата природна состојба, што е голема предност. Тие места се останати такви какви што се создадени и не се комерцијализирани, со што нудат одличен потенцијал за развој на екотуризмот во Македонија.“
Екотуризмот е една од најбрзо растечките гранки во светската туристичка индустрија, со годишен пораст меѓу 20 и 40%. Последната македонска стратегија за рурален туризам, која вклучува и екотуризам како дел од алтернативните форми на туризам, беше усвоена во 2017 година.
Сето ова беше истакнато на петтиот еко-форум кој се одржа во Скопје и на кој учествуваа здруженија од регионот кои ги споделија своите искуства и добри практики во промовирањето и заштитата на природните ресурси.
Дијана Катица, претседателка на Хрватското здружение за туризам и рурален развој, посочи дека заштитените подрачја, како што се националните паркови и природните резервати, имаат централна улога во развојот на екотуризмот.