Трн: Работиш со оваа ранлива категорија на жени подолг период. Зошто жените не пријавуваат или тешко пријавуваат насилство, било да е физичко, психичко, дигитално?
Магдалена: Мислам дека има неколку причини зoшто не пријавуваат. За жал, патријархатот сè уште има големо влијание на одлуките кои ги носиме, особено кај жените, така што не ретко многу е ниска свеста, а со тоа и препознавањето од страна на жртвата што сè е насилство. Потоа, нашето општество наметнува да се срами жртвата наместо насилникот. Кај нас сè уште е поважно да го зачуваме семејниот образ, отколку лично нашиот. Знаете оној феномен, а често за жал и совет од семејството – што ќе речат роднините, пријателите, соседите? Подобро молчи и трпи, отколку сите фамилијано да нè засрамиш за избор што ти сама си го направила. Исто така, зависноста на жртвата од насилникот, која може да биде во неколку форми, но најчеста е економската зависност. Ниската финансиска ситуираност и немање имот на нивно име, секако е причина жртвата да остане во насилната средина или пак и да одлучи да го напушти, баш поради финансиската ограничност често и ќе одлучи да се врати повторно во насилната средина, иако точно знае што ја чека таму. Потоа, не пријавуваат затоа што се водат од туѓо лошо искуство на отсуство на поддршка од институциите и општеството генерално.
Трн: Низ годините постигнавме голем напредок во признавање на правата на маргинализираните групи и заедници, но во 21 век се уште го имаме фемицидот на високо ниво, кај нас и во светот. Кое е твоето мислење?
Магдалена: Јас сметам дека сепак не се покачува драматично бројот на пријави, колку што реално постојат жртви. Значи сè уште насилството се толерира и жртвите се надеваат дека насилникот сепак, не е таков и дека заканите ќе останат само закани. За жал, се повеќе сме сведоци и овде кај нас, но и во регионот дека заканите во некои ситуации резултираа со фемицид. Овде би рекла дека е многу важна едукацијата и треба да се почне од најмала возраст и тоа и кај двата пола. Да не оставиме да биде тоа грижа на семејството, затоа што многу често гледаме дека не се зборува дома на таа тема, или пак ни родителите не се доволно информирани. Тука клучна улога треба да има и образовно – воспитниот процес, затоа и не е само образовен туку и воспитен. Потоа, освен раната едукација, секако треба да имаме и предвид дека со насилникот никој не работи, а тоа е проблем. Проблем е и за самиот насилник, затоа што тој често не е свесен за своите постапки, без разлика кои се причините, а најчесто причините се дека и тој самиот е растен во таква или слична средина. Значи, потребно е да се работи и со насилникот за да се промени тоа научено однесување, затоа што ако една жртва се спаси, тој ќе налета на следна и нема да го промени ставот кон насилството, туку само ќе го продолжи истото.
Трн: Кампањите ги поттикнуваат жените да пријават насилство, но чинам тука некаде почнува уште еден проблем. Што потоа? Дали средината и системот се подготвени да ја заштитат жената после? Тука е и твојата сфера на работа. Кажи ни од твое искуство кои се проблемите со кои овие жени се соочуваат?
Магдалена: Најдобриот совет што можете да и го дадете на една жртва е да го остави насилникот, но морате да и кажете и како. Оваа обврска и одгворност особено се однесува на институциите и на организациите кои работат по овие прашања. Многу често институциите не постапуваат соодветно по пријавите, па тоа дополнително ги обесхрабрува жените. Многу поразителен е фактот дека некои жени ги повело туѓо негативно искуство, па тие дури не си ни обиделе да пријават. Ова говори за тоа колку е ниска довербата во инситуциите. Исто така казните се мали и неесодветни на делото и често не се ни спроведени до крај. Ни недоставува една системска и темелна поддршка и таа буквално без остапка да биде достапна на секоја жртва на која и е потребно. Круцијално во таа најакутна фаза е да се реши домувањето, доколку не е решено во случајот. Ние имаме засолништа, но не сите ги задоволуваат потребите на корисниците. Потоа потребна е бесплатна правна поддршка на жртвата, затоа што така ќе се почувствува сигурна дека заканите на насилникот дека ќе и ги одземе децата и имотот, се само закани, а не и правно издржани вистини. Потоа многу важна поддршка, после тоа трауматско искуство е психолошката поддршка, која е многу важна за една жена да се почувствува повторно силна и своја, како пред насилството. И на крај, нешто што природно следува во синџирот на поддршка е и економското зајакнување на жената. Верувајте ми дека ниедна жена нема да го остави насилникот ако не е вака холистички охрабрена. Или пак, можеби ќе го остави, но ќе се врати секогаш кога нема да може финснсиски да го издржи товарот. И самите ми споделуваат дека не се враќаат кога се тие гладни, наоѓаат начин и гладни да преживеат, но во оној момент кога децата ќе бидат гладни, тие одлучуваат да се вратат и покрај тоа што знаат што ги чека.
Трн: Можеш ли да споделиш примери од жени со кои си работела? Колку оваа програма им помага на жените да си го вратат животот, каков што го заслужуваат, назад?
Магдалена:Ние како Паблик, имаме наша верифицирана програма „Менторство за работна интеграција“, која токму го нуди делот на економско јакнење на жртвите. Оваа програма е иновација на пазарот која нуди секоја од жените да се активира и да го развие личниот потенцијал и квалитет. Настојуваме да најдеме соодветно вработување, кое ќе биде прилагодено на потребите на жената, бидејќи најчесто децата се доделуваат кај мајките, но и најчесто тие стануваат единствено нивна грижа, па затоа постои и огрниченост и нефлексибилност во однос на сменско работење или работни саати. Една жена со едно или повеќе малолетни деца, може да работи само во истите саати кога работи градинката и училиштето. Значи, не бараат жените привилегии затоа што така сакаат, туку затоа што во тој момент така мораат. Заеднички наоѓаме која работа е најсоодветна за нив и се трудиме овие вработувања да бидат одржливи, односно да се задржи вработувањето и исто така да се напредува на работното место. Голем успех на програмата и на сите ментори, беше тоа што сите жени навистина ја добија потребната поддршка, односно сите се вработија, или пак напредуваа на нивните работни места, но сепак најголем успех беше, тоа што ниедна од овие жени не се врати во насилната средина. Ова ми дава право и надеж да мислам дека навистина секоја жена која е соодветно, темелно и холистички поддржана, сепак ќе одбере да не се врати кај насилникот и да почне еден поинаков живот, таков каков што секој заслужува.
Трн: Позитивните примери се тука и тие ни ја враќаат надежта . Можеш ли да ни раскажеш за нив?
Магдалена: Има неколку примери кои навистина ќе остават трага во моето работно искуство, иако морам да признаам дека дел од нив ме погодија и на лично ниво. Ќе споделам еден, за кој заради доверливост на програмата нема да одам во детали, но ќе се осврнам на развојот и заедничиот успех. Точно се сеќавам дека беше вторник кога една од жените дојде кај мене во канцеларија и видно вознемирена ми рече дека доколку до понеделник не успееме да најдеме вработување, таа нема избор и повторно ќе е врати кај наслникот. Тој пак, охрабрен од нејзината безизлезна состојба и пишуваше секакви пораки, односно повќе закани отколку пораки, во кои и кажуваше низ што се ќе ја изложи за да и дојде паметот за срамот што му го приредила и го оставила. Тогаш навистина видов дека е многу ургентно и дека навистина нема избор. Само ја замолив да биде трпелива неколку дена и да се слушаме секојдневно за да споделува евентуални промени. Навистина не знам колку телефони завртив тие неколку дена и каде се не се обратив, за на крај да успееме да најдеме вработување, успеавме да најдеме образовен асистент за едно од нејзините деца кое ќе го придружува на настава, за да може мајката непречено да оди на работа, потоа обезбедивме средства за обука за шминка,односно најдовме начин како да генерира дополнителна заработа преку нејзиното хоби. Направиме план, парите кои ќе ги заработува од оваа работа, да ги трга на страна и да ја исполни нејзината најголема желба, да се запише на факултет. Тоа и се случи! Жената се запиша на факултет, ние со нашата програма го покривме првиот семестар, потоа со нашиот план кој заднички го развивме, таа сама продолжи да ги покрива овие трошоци. Кога го завршивме процесот и кога дојде на нашата последна средба, се потсети на тој ризичен вторник и ми кажа дека од тогаш до сега, се осетила како да пораснала 10 сантиметри. Значи жената не се врати кај насилникот, туку се врати на својот стар убав живот пред насилството. Нема поголема среќа за било кој стручен работник од овие зборови на менторирано лице.