Европската унија забрзано ги менува своите енергетски и индустриски приоритети, а островот Сардинија станува клучна точка на таа трансформација. Во пристаништето Портовесме, започнува реализацијата на еден од најважните европски проекти за рециклажа на батерии – Portovesme CRM Hub.
Зад проектот стојат Glencore и Li-Cycle, кои имаат за цел да го претворат стариот металуршки комплекс во современ погон за екстракција на литиум, никел и кобалт од т.н. црна маса – отпадниот материјал од искористени литиум-јонски батерии.
Овој потег не е случаен – ЕУ сака да ја намали зависноста од геополитички нестабилни региони, особено кога станува збор за критични суровини потребни за електричната мобилност и обновливите извори на енергија. Според Законот за критични суровини (CRMA), до 2030 година 10% од суровините ќе се обезбедуваат преку рударство во ЕУ, 40% преку домашна преработка и 25% преку рециклажа.
Проектот во Портовесме е еден од 47 стратешки проекти на ЕУ кој ги исполнува највисоките еколошки и технолошки стандарди, и вклучува локални заедници во процесот.
Оваа иницијатива претставува економски пресврт за Сардинија, регион кој страдаше поради затворање на стари индустрии. Сега, со фокус на зелени технологии, островот добива нова шанса: ќе се создадат работни места за инженери, техничари, оператори, како и за експерти во областа на одржливото управување со отпад и контролата на квалитетот.
Покрај Сардинија, на листата на ЕУ се наоѓаат уште 21 проект за литиум, вклучувајќи рудници во Португалија, Шпанија, Чешка и Финска, како и иновативни иницијативи за екстракција на литиум од геотермални извори – како што е случајот со Vulcan Energy во Франкфурт.