Издавачката куќа „Ла вита феличе“ од Италија објави избор од поезијата на македонската поетеса Лидија Димковска во избор и препев на италијански јазик на Ема Стефановска. Уредник на изданието е италијанскиот поет и теоретичар Томазо Ди Дио, добитник на наградата „Стрега“ за поезија.
Изданието содржи песни од последните две поетски збирки на Димковска: „Црно на бело“ (2016) и „Гранична состојба“ (2021, награда „Браќа Миладиновци“), а објавено е двојазично, на македонски и италијански јазик.

Во книгата е поместен и кус дијалог меѓу авторката и препејувачката, а уредникот за книгата пишува:
„Како јазикот на Димковска да се хранел од млекото на илјадагодишното насилство. Од една страна, имаме бесконечна историја од традиции, нагласоци, напеви и светови заробени од големиот архипелаг од земји наречен Балкански Полуостров; од друга, пак, ја имаме неодамнешната, пред сè ужасна историја на една нација и еден народ на кои во дваесеттиот век им било сè оспорено – дури и сопственото име – кои ја преминале големата европска историја на распаѓање, преобликување и граѓански војни.
Во оваа поезија се чувствува постојаното триење на границите, нивното трошење, нивниот таен вкус: желбата за проток меѓу земјите, народите и јазиците што не може да го сокрие стравот од загуба. Јазикот на Димковска како настаните да го принудуваат да размислува за себе како за превод и предавство. Неслучајно Другиот во оваа поезија е секогаш енигма, загатка, парадокс. Самото човештво е доведено во прашање во историјата на распаѓање, во која опсесијата со смртта е постојана, како и вербата дека, преку мрачна иронија, поезијата може да остави наследство на ослободувањето.“
Поетскиот избор „Гранична состојба“ ќе ја доживее својата промоција на меѓународниот книжевен фестивал и саем на книга „Порденонелеџе“ во Порденоне, Италија, на 20 септември, низ разговор меѓу авторката, препејувачката и уредникот на изданието.