Дали културата во Македонија е на апарати или е жива и во одлична кондиција? Од разговори по аеродроми, до вжештени дискусии по кафеани, лесно распространето е мислењето дека македонската култура е во далеку од добра состојба. Мене ми изгледа дека тоа не е блиску до вистината. Сѐ повеќе ми се чини дека Скопје и Македонија се обоени со нова култура, која продира низ комерцијалните и алтернативните места за журкање, која се одразува во квалитетот на разните македонски фестивали, но и се чувствува во современоста на македонската уметност.
Културната авангарда не само што успева да вгради дел од традиционалните вредности во своите дела, таа вешто успева и да ги надмине конвенционалните теми и начини на изразување, трасирајќи нов пат за генерациите што доаѓаат. Како млад човек, во преден план на колумнава ќе ги ставам креативните млади и ќе пробам да илустрирам зошто нивната проактивност не треба да остане под радарот, туку напротив, тие, како протагонисти, треба да бидат издигнати и возвишени, за преку вложениот напор да ни го направат животот поинтересен.
Поглед наназад, чекор напред
Горан Стефановски е непресушен извор на мисловно наследство од разни сфери, неизоставувајќи ја и културната критика. Брилијантниот драматург нѝ има оставено цврсти темели за градење на културниот идентитет, темели кои случајно или намерно имаат послужено во оформувањето на современата македонска култура.
Според него, културата сама по себе подразбира мултикултурализам. Затоа, обидите за изцртување на невидливи културолошки граници – дали помеѓу стилови и вкусови или помеѓу самите дисциплини – наликуваат на апсурдни потфати за некој да си ги земе сам на себе. Широкоградоста на културата е демонстрирана и од самиот Стефановски, кој како професор по драматургија, им има понудено на патосоздавачите од К-15, Бранко, Васко и Бубо, да држат предавања за монолози, без тројцата директно да потекнуваат од драмските води*.
Отвореноста за запливување во непознати води е клучна за секој авангарден и креативен ум, па така и новата генерација на млади уметници не ми изгледа дека има проблем со креирање во непознатото. Иако може да се каже дека регионалниот контекст поставува повеќе предизвици од можности пред македонските современи уметници, сепак, сметам дека нашите креативни дејци, па и не толку ретко, успеваат да го извлечат максимумот од шансите кои им се пружаат.
Предводниците I
Можеби најистакнатиот пример е сестраниот музичар и диригент Џијан Емин, кој својата виртуозност ја има претставено заедно со симфониски оркестри пред публики во Детроит, Мелбурн и Париз, а во 2019 година заедно со култниот Дерик Меј, настапил и пред англиската публика во ,,Ројал Фестивал Хол“, Лондон. Умешноста во своето му овозможува на г. Емин не само да се занимава со џез и класична музика, туку и да води музички проекти што вклучуваат техно и афрички теми, како што беше случајот со Феми Кути и Дерик Меј. Неодамна, заедно со останатите џез музичари, тој се избори за етаблирање на Националниот џез оркестар.
Понатаму, „Црнила Ремикс“ може во најмала рака, да се опише како еден авангарден театарски проект, кој преку комбинирање на повеќе уметнички дисциплини умее на нов начин да доближи дел од македонската историја до помладата публика. Делото на Коле Чашуле, Црнила, е осовременето преку рап изведба на драмата, која оживеа на неколку фестивали благодарение на соработката помеѓу режисерот и актер Јордан Симонов со рап групата „Зад аголот“. Со секоја нова изведба, „Црнила Ремикс“ потсетува на тоа што сѐ е можно кога повеќе креативни умови ќе се насочат кон остварување на заедничка цел, без разлика колку и да е таа амбициозна.
Џијан Емин и „Црнила Ремикс“ се дел од авангардниот бран, кој полека но сигурно ја обликува современата македонска култура. Заедно со останатите културни дејци, тие успеваат да градат на постоечките темели, осмелувајќи се на сѐ попредизвикувачки потфати.
(продолжува)
*по мое знаење, не потекнуваат од формалните драмски кругови