Дарфур: земја што се руши сама врз себе

Судан денес е рана што не зараснува. Свлечиштето што избриша едно село во планините Марра не е само природна катастрофа. Тоа е метафора за држава која тоне под сопствената тежина – војна, глад, безвластие.
UN Photo/Albert González Farran

Дарфур е симбол на таа пропаст. Децении наназад, регионот е бојно поле меѓу војската и паравоените милиции. Етнички чистки, раселени милиони, луѓе што бегаат од една смрт право во друга. Сега, земјата им се лизна под нозете и ги покопа живи.

Светот гледа. Но светот е уморен. Судан е хроника која трае предолго. Секој нов апел од ОН и Амнести звучат како ехо во празна соба. Хуманитарците се обидуваат да влезат во селата, но патиштата се затворени, контролните точки опасни. Помошта застанува таму каде што почнуваат калашниковите.

Дарфур денес е двојно осуден – од природата и од политиката. Од дождот што руши планини и од луѓето што рушат човечки животи. И двата удари паѓаат врз обичниот човек: земјоделецот кој нема жетва, детето кое расте во бегалски камп, жената која носи храна преку фронтови за да ги нахрани своите.

А Судан, како држава, едвај постои. Две војски се борат за власт, но никој не владее. Владата е сенка. Територијата е крвава мапа од паралелни режими. А секое ново свлечиште, секоја нова глад, секоја нова смрт – само ја продлабочува бездната.

Светот може да ја игнорира оваа трагедија уште некое време. Но земјата таму нема да мирува. Ќе продолжи да паѓа. Камен по камен. Човек по човек. Дарфур не умира во тишина. Тој се руши со тресок кој одекнува далеку повеќе од што сакаме да слушнеме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни